Завршија преговорите во Виена за обновување на иранскиот нуклеарен договор. Дипломатите од вклучените земји си заминаа со привремен текст за нов договор со што постои надеж дека ќе се спречи Техеран да развива нуклеарно оружје, јави ДПА.
– Треба да се каже да или не – изјави неименуван висок претставник на Европската Унија во Виена, додавајќи дека не останало ништо за преговарање и опишувајќи го текстот како „многу добар компромис за сите страни“.
Според дипломатот, земјите што се вклучени – Велика Британија, Кина, Франција, Германија, Русија, САД – се очекува да одговорат за неколку недели.
Земјите бараа решение за да се надминат разликите околу укинување на санкциите против Иран, а за возврат повторно да се постават рестрикции на нуклеарната програма на земјата.
Во 2015 година САД, Франција, Германија, Велика Британија, Русија и Кина постигнаа договор со Иран, со кој Техеран се согласи да го ограничи збогатувањето ураниум под надзор на инспекторите на ОН во замена за укинување на економските санкции, Но, три години подоцна, поранешниот американски претседател Доналд Трамп еднострано ги повлече САД од Договорот, а Иран почна да користи напредни центрифуги и брзо ги зголеми резервите на збогатен ураниум, со што го крши Договорот.
Официјален Техеран тврди дека нуклеарната енергија е за мировни цели.