Преговорите за зачувување на нуклеарниот договор меѓу светските сили и Иран продолжуваат денеска во Виена по кратка пауза. Преговорите влегоа во завршна фаза, а следните недели се сметаат за клучни за потенцијално обновување на нуклеарниот договор од 2015 година.
Западни дипломати предупредуваат дека Иран прави големи чекори кон способноста за производство на нуклеарна бомба, па затоа е неопходно колку е можно поскоро да се постигне ефективен договор кој повторно би ги ограничил иранските нуклеарни капацитети.
Германија, Франција и Велика Британија, заедно со Русија и Кина, со месеци посредуваат меѓу Иран и САД. Целта е да се укинат американските економски санкции кон Техеран, а за возврат да се ограничи иранската нуклеарна програма. Откако САД се повлекоа од договорот во 2018 година за време на американски претседател Доналд Трамп, Иран почна постепено да ги крши условите од договорот и да збогатува ураниум.
Иран вчера предупреди дека Вашингтон треба да донесе „политичка одлука“ за укинување на санкциите кон Исламската Република, а успехот на нуклеарните преговори ќе зависи од тоа.