Саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман денеска го напушти Ријад за да ги посети Грција и Франција, што е прва посета на членки на Европската Унија по убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги пред речиси четири години.
Владетелот на Саудиска Арабија беше во голема мера избегнуван од Западот по убиството на Кашоги, колумнист на Вашингтон пост кој го критикуваше кралството. Тој беше убиен во саудискиот конзулат во Истанбул во 2018 година.
Мохамед бин Салман ќе се сретне со лидерите на Грција и Франција за да разговараат за билатералните односи и начините за нивно подобрување во повеќе области и прашања од заеднички интерес, се вели во соопштението на официјалната саудиска агенција за печат. Не се наведува колку ќе трае посетата.
Неговата посета започнува десет дена откако американскиот претседател Џо Бајден ја посети Саудиска Арабија и се сретна со Бин Мохамед. Посетата на Бајден беше дочекана со критики во Соединетите Американски Држави, а беше осудена и од меѓународните групи за човекови права.
Американските разузнавачки служби тврдат дека Мохамед бин Салман го наредил убиството на Кашоги, но Ријад го отфрла тоа тврдење.
Саудискиот престолонаследник минатата година посети неколку арапски земји, а во јуни беше во Турција. Двете земји се обидуваат да ги нормализираат односите што се влошија по убиството на Кашоги.
И францускиот претседател Емануел Макрон и грчкиот премиер Киријакос Мицотакис минатата година ја посетија Саудиска Арабија.