Исклучително важен воен договор во Азија
Саудиска Арабија и нуклеарно вооружениот Пакистан потпишаа формален договор за меѓусебна одбрана, со што дополнително се зајакнува децениското безбедносно партнерство меѓу двете муслимански земји. Според договорот, секој напад врз Саудиска Арабија или Пакистан „ќе се смета за агресија против двете страни“.
Овој потег доаѓа кратко по вонредната заедничка седница на Арапската лига и Организацијата за исламска соработка (ОИС), каде што земјите членки го осудија минатонеделниот израелски напад врз катарската престолнина Доха, чија цел беа претставници на палестинската вооружена група Хамас. Според извештаите на медиумите, израелскиот напад врз Катар предизвика загриженост кај земјите од Персискиот Залив за способноста на САД да ја гарантираат нивната безбедност. Интересно е да се напомене дека „Фајненшл тајмс“ напиша дека Ријад, како воен сојузник на САД, дури и не го информирал Вашингтон за договорот сè додека не бил потпишан.
Саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман и пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф потпишаа договор за одбрана меѓу нивните земји во Ријад минатата среда.
„Овој договор, кој ја одразува заедничката посветеност на двете нации за зајакнување на безбедноста и постигнување безбедност и мир во регионот и светот, има цел да развие аспекти на одбранбената соработка меѓу двете земји и да го зајакне заедничкото одвраќање од каква било агресија“, се наведува во заедничкото соопштение на Ријад и Исламабад.
Улогата на Индија
Индија, која во мај годинава водеше четиридневен воен конфликт со Пакистан по терористичкиот напад врз туристи на федералната територија Џаму и Кашмир, изјави дека ќе „ги проучи импликациите од овој настан за нивната национална безбедност, како и за регионалната и глобалната стабилност“. Њу Делхи бил свесен за безбедносните врски меѓу Ријад и Исламабад и знаел дека меѓу нив се подготвува одбранбен пакт, напиша на Икс портпаролот на индиското министерство за надворешни работи, Рандхир Џаисвал.
Висок саудиски функционер изјави за „Ројтерс“ дека договорот со Пакистан „е кулминација на години разговори. Ова не е одговор на одредени земји или одредени настани“. Односот на Саудиска Арабија со Индија „е посилен од кога било досега. Ќе продолжиме да го развиваме овој однос и ќе се стремиме да придонесеме за регионалниот мир на кој било начин“, додаде тој.
Висок саудиски функционер, зборувајќи под услов да остане анонимен за Си-ен-ен, ја призна потребата од балансирање на односите со ривалот на Пакистан, Индија, која исто така поседува нуклеарно оружје.
– Нашите односи со Индија се посилни од кога било. Ќе продолжиме да ги развиваме тие односи и ќе се стремиме да придонесеме за регионалниот мир на кој било начин што можеме – порача тој.
На прашањето дали Пакистан ќе биде обврзан да ѝ обезбеди на Саудиска Арабија нуклеарен чадор според договорот, функционерот рече: „Ова е сеопфатен одбранбен договор што ги опфаќа сите воени средства“. Тоа значи дека секоја земја што ќе ја нападне Саудиска Арабија би можела да се соочи со нуклеарен напад од Пакистан.
Бидејќи економијата на Пакистан се колебаше и стануваше сè позависна од саудиската помош во текот на изминатата деценија, Индија постојано ги продлабочуваше своите врски со Ријад. Индискиот премиер Нарендра Моди во април ја посети Саудиска Арабија по третпат во една деценија.
Отворање на патот за други земји од Заливот?
Асфандијар Мир, виш соработник во центарот „Стимсон“ со седиште во Вашингтон, го опиша договорот за „Ал Џезира“ како „пресвртница“ за двете земји. „Пакистан претходно одржуваше договори за меѓусебна одбрана со Соединетите Американски Држави за време на Студената војна, но тие се распаднаа до 1970-тите. Дури и со Кина, и покрај обемната одбранбена соработка, Пакистан нема формални договори за меѓусебна одбрана“.
Мумхамед Фајсал, истражувач за безбедност од Јужна Азија на Технолошкиот универзитет во Сиднеј, изјави за истиот медиум дека договорот може да послужи како образец за Пакистан да се вклучи во слична билатерална одбранбена соработка со Обединетите Арапски Емирати и Катар, два клучни партнери во Персискиот Залив. Ова е особено важно по нападот на Израел врз катарскиот град Доха.
Воените врски меѓу Ријад и Исламабад датираат од пред повеќе од половина век, а илјадници саудиски офицери се обучуваат во Пакистан. Одбранбеното партнерство останува активно преку програми за обука и заеднички вежби. Од друга страна, Саудиска Арабија во декември му додели на Пакистан договор за заем од 3 милијарди долари.
Нуклеарниот капацитет на Пакистан
Пакистан поседува помеѓу 160 и 170 нуклеарни боеви глави (процени за 2023 година). Сепак, пакистанската војска во моментов има ограничени можности за лансирање нуклеарен напад врз Израел поради растојанието од околу 3.500 километри. Пакистан во моментов развива ракети што едвај го надминуваат тој дострел. Друга опција, не многу сигурна, е лансирање бомби „раад“ од воздух од пакистански Ф-16 или ЈФ-17 (за кои се шпекулира дека се способни да носат нуклеарно оружје). Пакистан исто така има четири оперативни авиони за полнење гориво „Ил-78МП“ кои можат да ги наполнат ЈФ-17 со гориво и со тоа да го прошират нивниот дострел на лет и напад.
Прашањето е колку капацитет всушност има Пакистан за „нуклеарен чадор“ (за кој се пишува во многу медиуми денес) над и околу површината на голема Јужна Арабија. Дури и да сакаше Пакистан, оперативното распоредување на нуклеарни системи во Саудиска Арабија би барало инфраструктура, безбедносни протоколи, огромна дипломатска и воена храброст и огромни ресурси. Сепак, дури и формализиран договор во оваа форма е одредена порака и закана за потенцијалните напаѓачи и има своја улога дури и како писмо на хартија.
Невообичаена позиција на САД
Од средината на 2025 година, приближно 40.000-50.000 американски војници се стационирани низ целиот Блиски Исток, распоредени во 19 бази. Една од нив е воздухопловната база Принц Султан во близината на Ријад. Додека саудиските власти велат дека договорот со Пакистан е во подготовка најмалку една година, Сахар Кан, независен аналитичар за безбедност во Вашингтон, рече дека текстот на новиот договор ќе предизвика изненадување кај САД. Особено затоа што балистичката програма на Пакистан е предмет на санкции од САД веќе некое време. Имено, САД, како најголем заштитник на Израел, стравуваат дека пакистанските ракети вооружени со нуклеарни боеви глави би можеле да стигнат до Израел. Се случува одреден парадокс: воениот сојузник на Америка во регионот Северна Арабија сега прифаќа заштита преку ракетна програма санкционирана од Вашингтон. Тоа сигурно нема да им се допадне на САД, бидејќи дополнително ја легитимира ракетната програма на Пакистан.
Израелските напади „ги влошија безбедносните стравови на земјите од Персискиот Залив, а наедно ја поткопаа и довербата во безбедносниот чадор на САД како врвен штит. Сега, додека земјите од Персискиот Залив се стремат да ја зајакнат својата безбедност, регионалните земји како што се Пакистан, Египет и Турција се појавуваат како природни партнери“, рече аналитичарот Фајсал.
Чудната позиција на Иран
Аналитичарот Мир од центарот „Стимсон“ забележа дека договорот ќе тестира и како ќе управуваат Пакистан и Саудиска Арабија со меѓународните односи во овие нови околности. „Пакистан сега ризикува да биде вовлечен во регионалните соперништва на Саудиска Арабија, особено со соседниот Иран“, рече тој. „Од друга страна, Саудиска Арабија се посвети на споровите на Пакистан, особено со Индија и потенцијално со Авганистан управуван од Талибанците“. Пакистан одржува избалансиран, дури и пријателски однос со Иран.
Сепак, токму посредниците на Иран, Хутите од Јемен, ги извршија последните напади врз саудиското кралство, поттикнувајќи го Ријад да започне воена коалиција на земјите од Заливот. Од друга страна, по неодамнешниот израелско-американски напад врз Иран, Пакистан беше најгласен во осудата на тие напади, додека некои ирански претставници дури тврдеа дека Пакистан ќе обезбеди нуклеарна заштита, тврдење што Исламабад брзо го негираше. Сепак, односите меѓу Техеран и Ријад се затоплуваат, дури и пред израелските напади да го доближат муслиманскиот свет против заедничкиот непријател. Р.С.