
Како ќе се развива нуклеарната програма на Блискиот Исток
Една од најбогатите земји во светот и најмоќна арапска земја – Саудиска Арабија ги интензивира преговорите со Соединетите Американски Држави на полето на нуклеарната програма, пред сѐ во цивилниот сектор.
Како што пренесува реномираната агенција Ројтерс, по средбата на саудискиот министер за енергетика, принцот Абдулазиз бин Салман бин Абдулазиз, со неговиот американски колега Крис Рајт, домаќинот изјави дека двете земји се на „заеднички пат“ кон договор за соработка во развојот на цивилната нуклеарна индустрија.
Имено, споменатиот министер за енергија на Саудиска Арабија се сретна со американскиот министер за енергетика Крис Рајт во рамките на неговата официјална посета на кралството.
Двете страни разговараа за зајакнување на билатералната соработка во повеќе енергетски полиња, вклучувајќи нафта и гас, петрохемикалии, управување со јаглеродот, водородни технологии, мирно користење на нуклеарната енергија, електрична енергија, обновливи извори на енергија и иновации, како и други области од заеднички интерес.
Сепак, вниманието на јавност го привлече извештајот на Ројтерс, кој за оваа посета нагласува уште нешто. Во извештајот се наведува дека САД и Саудиска Арабија се подготвуваат да потпишат прелиминарен договор за соработка во развојот на саудиската цивилна нуклеарна програма.
Притоа се додава дека ова е прва посета на Рајт на Саудиска Арабија како министер и е дел од турнејата низ државите што произведуваат енергија во Персискиот Залив. Една негова изјава привлече поголемо внимание на јавноста.
– За да учествуваат САД во развојот на нуклеарната енергија овде, секако ќе биде потребен договор од типот „123“… Има многу начини да се структурира договор што ќе ги исполни целите и на Саудиска Арабија и на Америка – рече Рајт.
Таканаречениот „Договор 123“ се однесува на делот 123 од Законот за атомска енергија на САД од 1954 година, кој ги обврзува американската влада и американските компании да соработуваат со субјектите од Саудиска Арабија во областа на цивилната нуклеарна енергија.
Разговори и со Иран
Она што е важно да се напомене во овој контекст е дека уште една регионална нуклеарна сила од Блискиот Исток започна нова рудна разговори за нуклеарна програма. Имено, Соединетите Американски Држави и Иран во саботата во Оман ги започнаа првите меѓусебни разговори под администрацијата на Трамп воопшто – вклучувајќи го и неговиот прв мандат од 2017 до 2021 година. Централна тема на преговорите беше иранската нуклеарна програма, на чиј развој силно се противат САД и Израел, како и многу земји во регионот што имаат сложени безбедносни односи со Иран.
Според најавите, следната рунда американско-ирански преговори треба да продолжи в сабота, но овој пат во Рим.
Иранскиот министер оди во Москва на консултации за преговорите со САД
Откако во саботата Иран и САД ги почнаа преговорите, кои не дадоа некои поопипливи резултати, а пред нивното заминување за Рим, иранските преговарачи се подготвуваат да отпатуваат во Москва за да се консултираат претходно на истата тема. Аналитичарите на состојбите на Блискиот Исток коментираат дека дипломатијата на големите сили се вжештува.
Попрецизно, за конкретниот настан, се коментира дека во случајов иранските преговарачи ќе бараат мислење од своите руски домаќини за тоа како да ги продолжат преговорите со американските преговарачи. За интензивирањето на руско-иранските релации притоа се потенцира дека тие добиле на значење откако Иран стана полноправна членка на клубот БРИКС и пред тоа на Шангајската организација за соработка (ШСО) на почетокот на 2024 година, а особено откако претседателите Владимир Путин и Масуд Пазешкијан потпишаа долгорочен руско-ирански договор за стратегиска соработка во Москва на 17 јануари.
Конкретно, иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи неделава ќе ја посети Русија, изјави во понеделникот портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багаи. Аракчи има намера да се консултира со Москва во врска со последните разговори меѓу Иран и САД одржани во саботата во Оман.
– Патувањето на министерот за надворешни работи во Москва ќе се одржи на крајот на неделата – рече Багаи.
Во Иран неделата завршува во петок. Патувањето беше „однапред испланирано, но ќе има консултации во врска со разговорите со САД“, рече Багаи.
Дека Иран ги зајакнува дипломатските напори за решавање на нуклеарниот спор со Западот, како и за ублажување на притисокот врз неговата санкционирана економија, зборува податокот дека неделава треба да го прими нуклеарниот надзорник на ОН Рафаел Гроси, што е потврдено во изјавата на портпаролот.
Соединетите Американски Држави го обвинуваат Иран дека има нуклеарно оружје. Од друга страна, Техеран вели дека неговата нуклеарна програма е чисто за цивилни цели. Американскиот претседател Доналд Трамп се закани со воена акција доколку не се постигне договор за запирање на иранската нуклеарна програма и во неделата рече дека се сретнал со советници за Иран и очекува брза одлука.
Русија, со постојано место во Советот за безбедност на ОН со право на вето, одигра улога во нуклеарните разговори меѓу Западот и Иран како сојузник на Техеран и потписник на нуклеарниот договор од 2015 година, кој САД го напуштија во 2018 година.
Москва повика на фокусирање на дипломатските контакти наместо на активности што би можеле да доведат до ескалација. Минатата недела Русија, Кина и Иран одржаа консултации на експертско ниво за иранската нуклеарна програма во Москва. Некои аналитичари што прават анализа на најновите раздвижувања на Блискиот Исток укажуваат дека рускиот претседател Владимир Путин на крајот на минатата година јавно ставил до знаење во дебатниот клуб „Валдаи“ во Москва дека има одредени американско-руски контакти (дури и пред Доналд Трамп да биде инаугуриран за претседател на САД на 20 јануари годинава) во врска со употребата на руското влијание во регионот на Блискиот Исток за да се постигне договор поволен за сите клучни регионални играчи за решавање на сите оптоварувачки безбедносни прашања – што ги вклучува и Иран и палестинското прашање. Р.С.