Saudi Arabia
Фото: ЕПА

Саудиска Арабија го предупреди Израел дека ќе има сериозни последици во сите области доколку анектира кој било дел од Западниот Брег – објави израелскиот Канал 12.

Според извештајот на израелската телевизија, Ријад не прецизираше какви чекори би можел да преземе, но би можел да прогласи крај на перспективата за нормализација на односите меѓу Саудиска Арабија и Израел или повторно да го затвори својот воздушен простор за израелски летови, кој го отвори во 2022 година, пренесува „Тајмс оф Израел“.

Се додава дека анексијата би можела да им наштети на дискретните безбедносни и трговски односи меѓу двете земји и да ги загрози Абрахамските договори.

Саудиски функционери ќе разговараат за тоа како да се стави крај на војната во Газа и за сценаријата за „ден по војната“ со американскиот претседател Доналд Трамп на маргините на Генералното собрание на ОН, заедно со лидерите од ОАЕ, Катар, Јордан, Египет и Турција.

Израелската телевизија наведува и дека Трамп ќе одржи состанок со лидерите на Заливот кои сакаат да го слушнат неговиот став за нападот во Катар.