Фото: Маја Јаневска-Илиева

Шефовите на држави или влади на членките на ЕУ во текот на денешниот Самит во Брисел ги разгледаа сите точки на дневниот ред и им остана уште расправата за клучната дебата за финансирањето на Украина, брифираат вечерва извори запознати со текот на состанокот.

Според истите извори, на лидерите вечерва ќе им биде доставен нов предлог за усвојување на планот за заем за репарации, кој предвидува користење на замрзнатите руски средства за покривање на финансиските потреби на Украина за 2026 и 2027 година.

Тие посочија дека од досегашниот тек на расправата јасно е дека сите лидери ја поддржуваат идејата за користење на руските средства, пред опцијата за дополнително задолжување на Унијата.

Целта на новиот предлог е да се обезбеди поддршка од сите лидери за планот за заемот за репарации, иако засега останува нејасно дали Белгија и Унгарија ќе се согласат со него.

Претходно и полскиот премиер Доналд Туск информира дека европските лидери се согласиле да работат на договор за финансирањето на Украина врз основа на замрзнати руски средства, наместо преку дополнително задолжување на Унијата.

Според Туск, постои „широка согласност“ дека користењето на замрзнатите руски средства би било оправдано и корисно за Европа, иако некои земји остануваат претпазливи и бараат силни правни и финансиски заштитни гаранциите за себе.

Врз основа на досега изнесените ставови околу планот, Белгија, каде што наоѓа најголемиот дел од замрзнатите руски средства, односно 185 милијарди од 210-те милијарди евра, останува против предлогот, а и белгискиот премиер Барт де Вевер денеска потврди дека позицијата на неговата Влада останува непроменета, повторно наведувајќи ги како причина правните и финансиските ризици, но и репутацијата на земјата.

Против планот е Унгарија, чиј премиер Виктор Орбан пред почетокот на Самитот изјави дека тоа прашање е затворено поради противењето на Белгија и дека целата идеја околу заемот за репарации е глупава.

Минатата недела, резерви кон планот изразија и Италија, Бугарија и Малта, кои побараа алтернативни решенија за финансирањето на Украина наместо заемот за репарации.

Поголемиот дел од останатите земјите од ЕУ во основа го поддржуваат предлогот за заемот за репарација. Луксембург го поддржа предлогот, иако оцени дека тој е „без преседан“, посочувајќи дека на неговото усвојување, покрај Белгија и Унгарија, би можеле да се спротивстават и неколку други држави, како Словачка или Чешка.

Според Литванија, ЕУ доцни со ваквата одлука и таа требало да биде донесена одамна, додека Летонија смета дека противењето на планот е повеќе од политички, а не од правни причини.

Германија, Ирска и Естонија, исто така, цврсто го поддржуваат заемот за репарации, а германскиот канцелар Фридрих Мерц дури истакна дека тој е „единствената опција“ за финансирање на воените напори на Киев.

Шпанија и Грција најавија дека ќе поддржат какво било решение со кое ќе се обезбеди финансиската стабилност и безбедност на Украина, а слична позиција изнесе и Австрија, посочувајќи дека прашањето не е дали да се поддржи Украина, туку како.

Согласно договорот за активирање на членот 122 од Договорот за функционирање на ЕУ, кој предвидува можност во услови на „итност“ одлуки да се носат со квалификувано мнозинство наместо со консензус, за усвојување на планот за заемот за репарации потребна е поддршка од најмалку 15 земји членки во кои живее 65 отсто од вкупното население во Унијата.

Ова практично значи дека планот би бил усвоен и во случај против да се изјаснат оние земји кои изразуваат резерви кон него.

Сепак, повеќето земји членки би сакале тој да биде поддржан од сите или од најголемиот дел држави, а пред сè од Белгија.

Исклучок од ваквата позиција изнесе актуелниот претседавач со Советот на ЕУ, Данска која инсистира дека ЕУ треба да биде подготвена да го подржи планот, дури и без Белгија, тврдејќи дека Унијата се наоѓа во ситуација дека некои работи мора „да ги прави поинаку“, од досегашната пракса.

Претпладнево, пред почетокот на состанокот, претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта изјави дека Самитот нема да заврши додека на се постигне договор за финансирање на Украина

– Можам да гарантирам дека ќе работиме на ова денеска, а доколку е потребно и утре, и нема да го завршиме овој Совет без конечна одлука за обезбедување на финансиските потреби на Украина за 2026 и 2027 година – рече Кошта.