Секретарот за финансии на САД Скот Бесент се обрати пред медиумите во обид да ги разјасни коментарите на американскиот претседател Доналд Трамп за новите трговски царини. Трамп пред малку најави зголемени царини за Кина, но царини замрзнати на 10 отсто во текот на 90 дена за сите останати земји.
Бесент порача дека САД се подготвени да преговараат со „секоја земја во светот“ што сака да разговара за трговските услови.
– Ќе преминеме на основна царина од 10 отсто за тие земји – изјави тој, додавајќи дека тарифите за Кина ќе бидат зголемени на 125 отсто поради, како што рече, „нивното инсистирање на ескалација“.
Според Бесент, повеќе од 75 земји веќе контактирале со САД за да разговараат за условите, а Вашингтон е подготвен да преговара „во добра верба“.
Тој нагласи дека 90-дневната пауза, најавена од Трамп, ќе обезбеди време за овие преговори. Оваа ненадејна промена во политиката на Трамп доаѓа помалку од 24 часа откако стапија во сила високите тарифи за увоз од десетици трговски партнери.