Заклучни согледувања во врска со американскиот Закон за овластување за национална одбрана што се однесува и на земјите од Балканот
- Земајќи ги предвид (навидум противречни) потезите на Вашингтон (од една страна повлекување амбасадори од земјите на Западен Балкан, што имплицира тренд на помала заинтересираност за регионов, а од друга страна, пак, донесување на споменатиот закон за статусот на Западен Балкан, што би значело – фокус на регионов во политиките на САД), прашањето што логично се наметнува е: Дали САД се подготвуваат да го држат Балканот под поефикасна „целосна контрола“ од ЕДНО место (еден амбасадор и во другите земји на Западен Балкан да има генерални конзулати), што имплицира на заеднички колективен третман/пакет за регионот на Западен Балкан од страна на Вашингтон или, пак, станува збор за нешто многу поинакво и посуптилно?
Во последниот период, на Балканот се забележува интересна појава, што кај дел од јавноста отвора и сомнежи и дилеми. Зошто?
Имено, куриозитет е што САД во моментов немаат амбасадор во ниту една од земјите на Западен Балкан (ЗБ). Заминувањето на американските амбасадори остави празни амбасадорски места во неколку држави од регионот. Но да биде куриозитетот уште посилен, паралелно со оваа појава, претседателот на САД потпиша закон со јасно формулирани политики кон регионот на Западен Балкан, а тоа е Законот за овластување за национална одбрана за 2026 година.
За потсетување, потенцијалните рефлексии од тој закон во регионов ги анализиравме и ги образложивме изминативе денови во нашиот весник.
Земајќи ги предвид (навидум противречни) потезите на Вашингтон (од една страна повлекување амбасадори од земјите на Западен Балкан, што имплицира тренд на помала заинтересираност за регионов, а од друга страна, пак, донесување на споменатиот закон за статусот на Западен Балкан, што би значело – фокус на регионов во политиките на САД), прашањето што логично се наметнува е: Дали САД се подготвуваат да го држат Балканот под поефикасна „целосна контрола“ од ЕДНО место (еден амбасадор и во другите земји на Западен Балкан да има генерални конзулати), што имплицира на заеднички колективен третман/пакет за регионот на Западен Балкан од страна на Вашингтон или, пак, станува збор за нешто многу поинакво и посуптилно?
Американските амбасадори и перцепцијата „со“ или „без“ нив во амбасадите
на САД во државите во регионов
Фактичката состојба во дипломатијата во регионот на Западен Балкан е дека САД во моментов немаат амбасадор во ниту една од земјите на Западен Балкан (ЗБ). Заминувањето на американски амбасадори остави истовремено испразнети амбасадорски места во неколку држави од регионот. Случајно или намерно? Според мислењето на исклучително искусни дипломати од кариера, на Балканот традиционално се смета дека присуството на амбасадор на некоја земја во друга, значи – внимание, а неговото отсуство – запоставеност. Токму соговорниците сметаат дека во американската дипломатија, оваа логика не важи секогаш. Напротив, историјата покажува дека кога политиката е цврсто дефинирана на стратешко ниво, индивидуалната дипломатска фигура станува помалку клучна.
– Отсуството на амбасадор не значи отсуство на политика. Често значи дека насоката е веќе утврдена, одлуките се носат на повисоко место од амбасадорското ниво, а теренот се управува преку координирани безбедносни, економски и политички механизми. Со други зборови, амбасадорот е важен кога има простор за маневар; кога маневарот е затворен, системот зборува погласно од поединецот, велат нашите соговорници – дипломати.
Балканот во американската стратегија сега е регион, а не збир на држави
Според нашите дипломатски соговорници, клучното недоразбирање и дилеми што се јавуваат во јавноста се „балканските интерпретации што регионот сè уште го гледаат фрагментирано, поделено, држава по држава, криза по криза, нешто што е останато како тренд со распадот на Југославија“.
Американскиот пристап одамна е различен: Балканот се третира како еден поврзан безбедносен систем. Со американскиот пристап и во таков интегрален систем, кризата во Босна не останува во Босна, нестабилноста меѓу Србија и Косово не е локална туку се прелева регионално, внатрешните тензии во Македонија генерирани од албанските етноцентристи имаат пошироки импликации, при што секој вакуум брзо го пополнуваат трети актери. Оттука и американската логика дека „не се менаџира со последици, туку со ризици“. Подоцна би било доцна…
Во врска со истото, американски дипломатски соговорници издвојуваат дека терминот „контрола“ често се користи погрешно. Ако под контрола се подразбира директно управување со влади, територии и одлуки – тоа не е моделот што САД го применуваат на Балканот денес. Но ако под контрола се подразбира спречување оружени конфликти, блокирање идеи за промена на граници, спречување институционален распад, тогаш да – САД сакаат Балканот да биде „под строга безбедносна рамка“, при што сакаат да се издвои дека „тоа не е империјална контрола, туку управување со ризици во регион со историја на експлозивни кризи“.
Зошто нема „еден центар“ – Скопје, Белград или некое друго место?
Според американските дипломати, „идејата дека САД би координирале сè од еден главен град изгледа логична, но е малку поедноставена“. Американската стратегија е токму спротивна: да нема видлив центар на моќ, затоа што видливиот центар создава отпор и станува цел, не само на пропаганда туку и на нешто многу посериозно од безбедносен аспект. Наместо тоа, тие го истакнуваат таканаречениот мрежен модел, како што се безбедносни структури (НАТО, ЕУФОР, партнерски армии), економски инструменти (енергетика, инвестиции, финансиски условувања), политички канали (специјални пратеници, регионални тимови) и безбедносно-разузнавачка координација.
Координацијата постои, но не мора да има адреса за да биде ефикасна, велат нашите соговорници, при што даваат и конкретни примери.
– Украина покажа што се случува кога региони со нерешени конфликти се остават без јасна рамка. Блискиот Исток покажа што значи вакуум на стабилност. Балканот е последниот европски регион каде што границите сè уште се политички тема, етничките наративи сè уште се мобилизирачки, а надворешните влијанија лесно се „вградуваат“. Со НДАА 2026 (Закон за овластување за национална одбрана, н.з.), САД испраќаат порака дека нема повеќе импровизација, нема „креативни решенија“, нема редизајн на регионот – истакнуваат тие.
На прашањето „што значи ова конкретно за Македонија“, американски дипломати, кои сакаа да останат неименувани, истакнаа: „За Македонија, ова е можеби најважниот момент во последните децении. Имено, опасноста од надворешни сценарија за поделби ќе биде значително намалена, апетитите што доаѓаат однадвор ќе немаат меѓународна поддршка, уставниот поредок се смета како дел од поширока безбедносна рамка. Но од друга страна, тука е и реалната и помалку добра вест, а таа е дека сепак, најголемиот ризик е внатрешен и е неопходно решително да се обрне внимание на претстојните реформи, затоа што сѐ уште институциите се слаби, корупцијата ги јаде темелите, а граѓаните, доколку побрзо не се испорачаат видливи и опипливи резултати, ќе почнат да губат доверба“.
За Македонија, пораката е јасна: време е фокусот да се префрли од доскорешни стравови кон реформи, од опстанок кон напредок, од вечно „што ако“ кон „што правиме“. Историјата покажува дека државите што се плашат – стагнираат. Државите што градат – стануваат неделиви. Н.М.
































