Белата куќа денеска соопшти дека САД постигнале договор со Украина и Русија да се обезбеди безбедно поморство во Црно Море и да стапи во сила забраната за напади врз енергетската инфраструктура во двете земји.
Во соопштението се наведува дека Русија, како и Украина, се согласија за прекин на непријателствата во Црно Море. Двете земји се согласија да ја гарантираат безбедноста на поморството и пловидбата, да ја елиминираат употребата на сила и да спречат трговските бродови да бидат воени цели во Црно Море.
Белата куќа истакна дека САД ќе помогнат да се врати пристапот на Русија до глобалниот пазар за извоз на земјоделски производи и ѓубрива, да се подобри пристапот до пристаништата и до платежните системи.
Вашингтон, исто така, вети дека ќе ја поддржи размената на воени заробеници, ослободувањето на цивилите и враќањето на украинските деца депортирани во Русија.
Белата куќа наведе дека Вашингтон ќе продолжи да организира преговори помеѓу Русија и Украина.