Фото: state.gov

САД соопштија дека не биле вмешани во убиството на висок офицер на руската армија во операцијата за која одговорноста ја презеде Украина.

-Можам да ви кажам дека САД не беа однапред известени за тоа и не беа вклучени – изјави портпаролот на Стејт департментот, Метју Милер за убиството на Игор Кирилов, началникот на дивизијата за хемиско оружје на руската армија.

Но, Милер укажа на претходните проценки на САД дека Кирилов – највисоката руска воена фигура убиена откако Москва ја нападна Украина – наредил употреба на агенти за контрола на немирите на бојното поле, прекршувајќи ја Конвенцијата за хемиско оружје.

-Тој беше генерал кој беше вклучен во голем број злосторства. Беше вклучен во употреба на хемиско оружје против украинската војска – рече Милер.

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, ги обвини западните сојузници на Украина дека се „соучесници“ во атентатот во Москва.

Кирилов, кој беше началник на руските трупи за нуклеарна, биолошка и хемиска заштита, беше убиен пред станбена зграда заедно со неговиот помошник кога експлодираше бомба поставена во електричен скутер, соопшти рускиот Истражен комитет, кој истражува сериозни злосторства. Комитетот денеска соопшти дека е уапсен осомничениот, државјанин на Узбекистан, роден во 1995 година, под сомнение дека го извршил нападот што го чинеше животот на командантот Кирилов и неговиот помошник Илја Поликарпов. Осомничениот признал дека бил „регрутиран од украинските специјални сили“.