Фото:Принтскрин

САД не побараа целосно прекинување на збогатувањето на ураниум за време на преговорите во Женева, а ниту Иран не понуди да го прекине збогатувањето на ураниум, изјави денеска иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, пренесе МИА.

– Ние не понудивме какво било прекинување, а американската страна не побара целосен прекин на збогатувањето – рече Арагчи во интервју за онлајн каналот MS Now.

Тој истакна дека дискусијата сега е за тоа како да се обезбеди дека нуклеарната програма на Иран, вклучително и збогатувањето, ќе остане во мирни цели и дека таква ќе остане засекогаш.

Арагчи рече дека ќе бидат спроведени технички и политички „мерки за градење доверба“ за да се обезбеди дека програмата ќе остане во мирни цели, во замена за одредено олеснување на санкциите, без да навлегува во детали.

Тој не ја прецизираше временска рамка за контрапредлогот на Иран до американските претставници Стив Виткоф и Џаред Кушнер, но рече дека верува оти дипломатски договор е достижен и може да се постигне „за многу краток временски период“.

Американскиот претседател Доналд Трамп вчера му даде на Техеран рок од 10 до 15 дена да постигне договор или ќе се соочи со „навистина лоши последици“.