Американската влада им нареди на семејствата на американскиот персонал во амбасадата на САД во Украина да ја напуштат државата поради зголеменото стравување за „значителна воена акција“ од страна на Русија, пренесуваат светските медиуми. Американските власти нагласија дека амбасадата во Киев ќе остане отворена и дека објавата не претставува евакуација.
Соопштението уследи откако тензиите поради ситуациите во Украина не стивнаа ниту по разговорот помеѓу американскиот државен секретар Ентони Блинкен и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, во Женева, во петокот.
– Безбедносните услови, особено долж границата со Украина, Крим и во источна Украина контролирана од Русија, се непредвидливи и можат да се влошат без предупредување – се наведува во соопштението на Стејт депратментот.
На американските државјани им се порачува и да не патуваат во Украина поради ковид-19, како и поради тензиите со Русија, а издадено е изменето предупредување и за патувањата во Русија. Стејт департментот не соопшти колкумина Американци моментно се наоѓаат во Украина.
Велика Британија исто така почна да го повлекува персоналот од амбасадата во Украина. Според извештајот, официјалните лица изјавиле дека нема конкретни закани за британските дипломати, но дека околу половина од персоналот кој работи во Киев ќе се врати во Велика Британија.