САД ја изменија нацрт-резолуцијата на Советот за безбедност на ОН за да поддржат „итен прекин на огнот од приближно шест недели во Газа заедно со ослободување на сите заложници“, се вели во текстот во кој имале увид повеќе медиуми.
Третата верзија на текстот, првпат предложена пред две недели, сега ја одразува изјавата на американската потпретседателка Камала Харис, која во неделата директно го повика Израел да стори повеќе за да ја ублажи „хуманитарната катастрофа“ во Газа.
Во оригиналниот нацрт беше изразена поддршка за „привремен прекин на огнот“ во војната меѓу Израел и Хамас.
Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден се воздржа од барање за траен прекин на огнот, со оценка дека во тој случај на Хамас ќе му се овозможи да продолжи да му се заканува на Израел, иако ги засили критиките за воените напори на Израел поради големиот број на палестински жртви.
Вашингтон стави вето на три нацрт-резолуции на ОН, од кои две бараа итен прекин на огнот за време на петмесечната војна.
Неодамна, САД го оправдаа своето вето велејќи дека таквата акција на Советот може да ги загрози напорите на САД, Египет и Катар да посредуваат за пауза во војната и ослободување на заложниците.
Вашингтон сега соопшти дека планира да преговара за нацрт-резолуцијата онолку долго колку што е потребно и дека нема да избрзува со гласање.
За да се усвои резолуцијата потребни се девет гласа, како и да не биде ставено вето од некоја од петте постојани членки на СБ – САД, Франција, Велика Британија, Русија и Кина.