САД испратија на Украина повеќе од милион парчиња иранска муниција кои беа запленети минатата година во водите на Индискиот Океан, соопшти американската војска.
Централната команда на САД, која е одговорна за воените операции на Блискиот Исток, објави дека во Украина биле испратени околу 1,1 милион куршуми од калибар 7,62 милиметри.
– САД се посветени да работат со нашите сојузници и партнери за да го потиснат протокот на иранска смртоносна помош во регионот со сите правни средства, вклучително и санкции и забрани од САД и ОН – се вели во соопштението на Централната команда.
Американската морнарица со години запленувала оружје за кое се верува дека доаѓа од Иран за борците поддржани од Иран во Јемен, обично транспортирано со рибарски чамци. Муницијата која потекнува од иранската револуционерна гарда и е наменета за силите на Хутите во Јемен беше запленета од американската морнарица во декември 2022 година.