Швајцарија

Очите на светската јавност се вперени кон почнувањето на дијалогот меѓу Вашингтон и Москва во Швајцарија за подобрување на релациите меѓу двете земји, како и за наоѓање решенија за прашања од глобален карактер. Руско-американските разговори започнаа во затворен формат во Женева, а први што остварија средба беа дипломатите со повеќедецениско искуство, заменик-државниот американски секретар Венди Шерман и рускиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Рјабков.
Според медиумите, се очекува преговорите да траат до крајот на неделава, а главни теми на состаноците ќе бидат случувањата во Украина, нацрт-договорот доставен од Русија до САД и нивните сојузници, кој вклучува непроширување на НАТО на Исток, енергетската криза, како и другите глобални случувања.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен пред средбите во Женева изјави дека е малку веројатно дека руско-американските преговори за безбедноста ќе постигнат значителен успех сè додека руските трупи се во близина на границата со Украина и смета дека Русија сака во геополитичка смисла да го обнови поредокот на нештата што постоел под Советскиот Сојуз.

Од друга страна, Русија во пресрет на разговорите соопшти дека нема да направи никакви отстапки под притисок на САД за украинската криза и нејзините барања за западни безбедносни гаранции и дека постои ризик тие брзо да завршат. Сергеј Рјабков истакна дека е сосема можно дипломатијата да заврши ненадејно по еден состанок.
– Не можам да исклучам ништо, ова е сосема можно сценарио и Американците не треба да имаат илузии за ова – рече тој.
Неговите коментари, според западните аналитичари, сигнализираат бескомпромисна линија од Москва во најнапнатата точка во американско-руските односи од Студената војна.
За руските експерти, пак, изјавите на американските дипломати пред средбите говорат дека Западот на чело со Вашингтон по секоја цена сака да спроведе „западни“ политики во државите од Истокот, кои тешко дека ќе се остварат.

Подготви: Дејан Србиновски