Илустрација/Фото: Фејсбук - Володимир Зеленски

Високи американски воени службеници заедно со нивните украински колеги развиваат нова стратегија за конфронтација со Русија во 2024 година бидејќи сегашната контраофанзива на успеа, објави денеска весникот „Њујорк тајмс“.

Според нив, неопходно е повторното разгледување на пристапот после неуспешната контраофанзива на Украина. Деталите од новата воена стратегија се очекува да бидат развиени во форма на воени игри, кои ќе се изведат во германскиот град Висбаден, каде е големата база на американските сили.

Според американските службеници, стратегијата може да се означи како „задржувај и зголемувај“. Тие истакнуваат дека Украина не треба со воена сила да ги враќа 20-те отсто од територијата окупирана од Русија за да ја добие војната. Затоа, прва цел на новата стратегија ќе биде да се зголеми самостојноста на Киев во заднина на нестабилната финансиска помош од САД, и да се натера Русија да започне конструктивни преговори до крајот на 2024 или на почетокот на 2025 година.

Без нова стратегија и дополнително финансирање Киев може да претрпи пораз, истакнуваат извори за весникот.

Според нив, идната година во овој случај може да биде слична на 1916: „најсмртоносната година од Првата светска војна кога загинаа илјадници млади луѓе но линијата на фронтот се измени сосема малку“.

Украинскиот претседател денеска е во Вашингтон во, како што наведува весникот „критичен момент, како на фронтот така и на Капитол хил“. Зеленски се надева помошта за Украина сепак да биде одобрена до крајот на оваа година.