Фото: ЕПА

Американскиот државен секретар Марко Рубио денеска изјави дека САД се загрижени поради нападите на Израел врз Сирија, додавајќи дека неодамна разговарал со релевантните страни по телефон.

-Во моментов работиме на решавање на ова прашање. Многу сме загрижени и се надевам дека ќе можам да кажам повеќе подоцна – рече Рубио.

Европската унија соопшти дека блокот е „алармиран“ од конфликтот и ги повика двете страни да постигнат прекин на огнот и да ги заштитат цивилите.

ЕУ ги повика сите „надворешни актери“ целосно да го почитуваат суверенитетот и територијалниот интегритет на Сирија.

Турција го осуди израелскиот напад, велејќи дека Тел Авив се обидува да дестабилизира „земја разурната од војна“.

-Израелските напади врз Дамаск, по воената интервенција во јужна Сирија, претставуваат чин на саботажа на сириските напори за постигнување мир, стабилност и безбедност – се вели во соопштението на турското Министерство за надворешни работи.

Американскиот пратеник за Сирија, Томас Барак, денеска ги повика сите страни да се „повлечат“ и да се вклучат во дијалог за постигнување прекин на огнот во Сирија.

-Недвосмислено го осудуваме насилството врз цивилите во Свеида на југ (со мнозинско население Друзи). Сите страни треба да се повлечат и да се вклучат во конструктивен дијалог што води до траен прекин на огнот – напиша Барак на „X“.

Израелскиот министер за надворешни работи, Гидеон Сар, претходно денеска ја осуди меѓународната заедница за нејзиното молчење по нападот врз заедницата Друзи во јужна Сирија.

-Гледаме дека во Сирија прогонот на малцинствата се повторува, до степен да ескалира во масакри и погроми. Понекогаш го вршат режимските сили, понекогаш џихадистичките милиции кои се дел од базата на режимот, и најчесто го прават тоа заеднички – рече Сар, според „Тајмс оф Израел“.

Тој додаде дека во јужна Сирија сега се гледаат исклучително вознемирувачки сцени на убиства и понижување на цивили.

-Што уште треба да се случи за да реагира меѓународната заедница? Што уште чекаат? – праша Сар.

Израелскиот министер додаде дека интересите на Израел во Сирија се „познати, ограничени и јасни“, откако израелските сили извршија напади за заштита на Друзите.