Повод: Заеднички воени вежби на две суперсили со мали држави во регионите на Европа и Азија
Министерството за одбрана на Ерменија деновиве соопшти дека на нејзина територија вооружените сили на САД и на Ерменија ќе одржат заеднички воени вежби од 15 до 24 јули. Вежбата ќе го носи името „Партнерот на орелот – 2024 година“.
Иако Ерменија останува сѐ уште сојузник на Русија, таа постојано повторува дека „не ја поддржува војната на Москва во Украина“, нагласувајќи дека Ерменија „испратила хуманитарна помош во Киев“. Тој потег не ја остави рамнодушна Москва. Имено, за издвојување е дека односите на Ерменија со Москва до неодамна беа релации на најблиски сојузници во Јужен Кавказ, но се влошија во последниве години поради незадоволството на Ерменија, Русија поефикасно да ѝ помогне да се одбрани од соседен Азербејџан. Во еден таков контекст на развој на меѓусебни односи Ерменија реши да се заврти кон САД, при што е подготвена да заврти нова страница во односите со Вашингтон и да развива билатерални односи на повеќе полиња. Имено, ерменската влада полека го врти политичкиот компас, а сѐ почесто нагласуваат дека „Москва не направила доволно за да ја заштити од Азербејџан за време на минатогодишниот воен конфликт за регионот Нагорно Карабах“. Ерменија неодамна беше домаќин на американски војници за првпат на заеднички воени вежби. Меѓу другото, конкретен чекор на соработка се и претстојните заеднички воени вежби на САД и Ерменија од 15 до 24 јули.
Премиерот на Ерменија, Никола Пашинјан, испрати порака до американскиот претседател Џо Бајден
Ерменија е подготвена да ги подобри односите со САД на ниво на стратегиско партнерство за многу полиња, порача премиерот Никола Пашинјан во пораката до американскиот претседател Џо Бајден по повод Денот на независноста на САД.
– Среќен сум што можам да забележам дека посветеноста за натамошно проширување на нашата соработка во демократските реформи, промоцијата на економската и енергетската отпорност, правдата, борбата против корупцијата, безбедносната соработка и соработката во други области се рефлектираа во визијата за подигање на стратегискиот дијалог меѓу Ерменија и САД на ниво на стратегиско партнерство – рече ерменскиот премиер.
Според Пашинјан, Ерменија многу ја цени улогата на САД во процесот на градење мир во регионот и длабоко ја цени поддршката на САД за суверенитетот, независноста, демократијата, територијалниот интегритет и неповредливоста на границите на Република Ерменија во согласност со Декларацијата од Алма-Ата од 1991 година. Би сакал да ја искористам оваа пригода да ја потврдам посветеноста на Ерменија на мировниот план и да го изразам моето верување дека нашето континуирано и зајакнувачко партнерство во овој критичен момент ќе придонесе за градење мирна и попросперитетна иднина за нашите две земји и за регионот, изјави тој.
Претставници на кинеската армија пристигнаа во Белорусија
Белоруското Министерство за одбрана соопшти за медиумите дека „група кинески воен персонал пристигна во Белорусија“, но не прецизира колкав е точниот број на кинески војници или офицери. Според истото соопштение на белоруското Министерство за одбрана, кинеските војници ќе учествуваат во заедничките антитерористички вежби што ќе се одржат од 8 до 19 јули. Целта на вежбите е да се постигне „координација меѓу белоруските и кинеските единици“.
Истиот извор издвојува дека „пристигнувањето на дел од кинеската армија има цел да ги постави основите за понатамошен развој на белоруско-кинеската соработка во воената обука“.
Претседателот на НР Кина, Си Џинпинг: Пекинг не е ниту креатор на кризата ниту учесник
Неодамна, при посетата на Европскиот континент во период на зголемени кинеско-европски предизвици во одредени економски и трговски области, претседателот на НР Кина, Си Џинпинг, изјави за јавноста дека „ги отфрла наводите за поддршката на неговата земја за руската војна во Украина“. Тој деновиве уште еднаш јавно го повтори и го потврди ставот на Пекинг по прашањето на воениот судир и кризата во Европа, како и по одредени новоотворени економско-трговски предизвици меѓу Кина и Европа.
– Кина не е креатор на кризата, ниту на нејзина страна, ниту учесник. Но ние исто така не сме случајни минувачи, ние секогаш активно придонесувавме за постигнување мир. Ние, исто така, се спротивставуваме на користењето на украинската криза за клевети на трета земја и предизвикување нова студена војна – додаде кинескиот претседател, очигледно повикувајќи се на обвинувањата од Вашингтон за улогата на кинескиот извоз со „двојна употреба“ како што се машинските алати и микроелектрониката во поддршка на руската одбранбена индустрија.
Пекинг ја гледа изјавата на својот претседател како можност уште еднаш да се подвлече наративот на Кина за нејзиното стојалиште и улога во тековниот конфликт во Европа.
Кинескиот претседател Си Џинпинг ги повика светските сили да им помогнат на Русија и на Украина да го обноват директниот дијалог, за време на состанокот со унгарскиот премиер Виктор Орбан во понеделникот, објави државната телевизија ЦЦТВ.
Германија: Локални власти побараа од сојузната влада да инвестира 10 милијарди евра во цивилна заштита во следните десет години
Подготовки за можен воен судир?!
Повеќе германски градови се во интензивни подготовки за изградба на засолништа за заштита на населението во случај на војна. Тие побарале од сојузната влада да инвестира 10 милијарди евра во цивилна заштита во следните десет години
Во врска со ваквата информација лиферувана во германските медиуми, „Дојче веле“ заклучува дека „можеби нема подобар начин да се измери нивото на страв од војна во една земја отколку да се види како работат компаниите што градат приватни бункери“.
Во таквиот контекст, медиумот издвојува дека, на пример, „на берлинската компанија ’БССД дефенс‘, која гради засолништа за приватна, деловна и воена употреба, бизнисот во последно време ѝ оди мошне добро“. Во статијата се посочува дека „таа компанија, покрај разновидна опрема за обезбедување на домот, нуди од „соби за привремена изолација и заштита“ за околу 20.000 евра, до вистински засолништа за речиси 200.000 евра.
Техничкиот директор на БССД, Марио Пиеде, изјави дека во последните години компанијата има зголемен број повици од приватни лица, противпожарни служби и локални власти. Пиеде истакна дека интересот за засолништа почна да расте за време на пандемијата на коронавирусот, а потоа повторно се зголеми во 2022 година кога започна руско-украинскиот конфликт.
Германското федерално министерство за внатрешни работи претстави Извештај за развојот на концептот на модерно засолниште
На конференцијата на министрите за внатрешни работи во Потсдам изминатиов месец, германското федерално министерство за внатрешни работи им претстави на своите колеги од германските сојузни држави Извештај за развојот на концептот на модерно засолниште за населението во Германија.
Извештајот дојде три месеци откако германската асоцијација на градови и општини ја повика федералната влада да инвестира 10 милијарди евра во цивилна заштита во следните десет години и да ја искористи за надградба на 2.000 бункери од времето на Студената војна.
Германската федерална канцеларија за цивилна заштита и помош при катастрофи (ББК) за германските медиуми изјави дека „само 579 бункери од Студената војна сè уште се означени како јавни засолништа и имаат место за околу 478.000 луѓе“, односно за околу 0,56 отсто од германското население.
Дури и тие бункери не се „ниту функционални ниту подготвени за употреба“ откако претходниот систем на засолништа беше напуштен во 2007 година.
Од ББК наведуваат дека новиот концепт на бункер е во фаза на планирање.
Германските медиуми објавија дека германската федерална влада во извештај, кој сѐ уште не е објавен, навела дека за заштита на населението на Германија ќе биде неопходно да се изградат уште околу 210.100 бункери, кои ќе траат 25 години и ќе чинат 140,2 милијарди евра.
Каква би била вистинската корист од бункерите, имајќи ја предвид воената моќ што би се користела во евентуална војна?!
Директорот на институтот за економски и безбедносни студии ФИРМИТАС на Универзитетот во Витен, Ханс-Валтер Борис, го постави прашањето каква би била вистинската корист од бункерот, имајќи ја предвид воената моќ што би се користела во евентуална војна чија природа на разорност значително би се разликувала од сите претходни?.
– Не е како во Втората светска војна, кога предупредувањата од бомбардери што летаа над Хановер кон Берлин им даваа на луѓето 15 или 20 минути да најдат засолниште. Со сегашните моменти на реакција, нема како да се предупреди населението – изјави за јавноста директорот на институтот за економски и безбедносни студии ФИРМИТАС на Универзитетот во Витен, Ханс-Валтер Борис.
Германската влада е свесна за овој проблем и затоа планира да им препорача на граѓаните да набават евтини и лесно достапни градежни материјали за да изградат безбедни простории во нивните подруми.
Директорот на институтот за економски и безбедносни студии ФИРМИТАС на Универзитетот во Витен, Ханс-Валтер Борис, рече дека не верува дека концептот е добар бидејќи конфликтот може брзо да ескалира во нуклеарна војна, а нуклеарното оружје сега е многу поуништувачко од она што го користеа САД на крајот на Втората светска војна.
– Последиците веќе не се споредливи со Хирошима или Нагасаки. Со модерно оружје, цела Германија би можела да биде збришана со само девет-дванаесет ракети – рече Борис.
Според него, бункерите што би можеле да издржат таков напад би требало да бидат закопани илјадници метри длабоко во швајцарските Алпи. Директорот на институтот за економски и безбедносни студии ФИРМИТАС на Универзитетот во Витен, Ханс-Валтер Борис, заклучил дека кога станува збор за можно сценарио за нуклеарна војна, „и така ништо не може да се направи“.