Фото: Бенјамин Нетанјаху/Фејсбук

Палестинците треба да управуваат со Газа откако Израел ќе ја заврши војната против Хамас, сметаат американските власти, отфрлајќи ја идејата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху дека Израел ќе биде одговорен за безбедноста на Газа на неодредено време, пренесуваат американските медиуми. Вооружени припадници на Хамас од Газа ја пробија границата со Израел на 7 октомври и убија 1.400 луѓе.

Еден месец подоцна, Вашингтон започна дискусии со израелските и арапските лидери за иднината на Појасот Газа што нема да биде управувана од Хамас. Иако планот допрва треба да се појави, американскиот државен секретар Ентони Блинкен вчера ги изложи „црвените линии“ и очекувањата на Вашингтон за опколениот крајбрежен регион во неговите најобемни коментари досега за ова прашање.

– Нема повторна окупација на Газа по завршувањето на конфликтот, нема обид за блокада или опсада на Газа, нема намалување на територијата на Газа – рече Блинкен на прес-конференција во Токио.

Блинкен рече дека можеби ќе биде потребен „некој преоден период“ на крајот на конфликтот, но дека посткризното управување со Газа мора да ги вклучи Палестинците.

– Тоа мора да вклучи владеење предводено од Палестинците и обединување на Газа со Западниот Брег под палестинската управа – рече шефот на американската дипломатија.

Во понеделникот, Нетанјаху изјави за „Еј-би-си њуз“ дека Израел „на неодредено време“ ќе има одговорност за безбедноста на енклавата по војната.

Израелските власти оттогаш се обидоа да разјаснат дека немаат намера да ја окупираат Газа по војната, но допрва треба да артикулираат како можат да осигураат безбедност без да одржуваат воено присуство.


ИДФ: Хамас ја загуби контролата над сверениот дел на Појасот Газа

Портпаролот на израелските одбранбени сили (ИДФ) Даниел Хагари изјави дека палестинската милитантна група Хамас ја изгубила контролата над северниот дел на Појасот Газа, додавајќи дека 50 илјади луѓе избегале на југот на таа област.

– Видовме 50 илјади жители на Газа како се движат од северниот дел на Појасот Газа кон југ. Тие си заминуваат затоа што сфатија дека Хамас ја загуби контролата врз северот – рече Хагари на брифингот со медиумите.

Тој додаде дека Израел дозволува хуманитарни паузи во одредени периоди за да им овозможи на жителите да се преселат на југ.

Хагари заклучи дека израелските сили „продолжуваат да го продлабочуваат нападот“ врз градот Газа и нанеле значителна штета на воздушните и поморските сили на Хамас.