Царинската и гранична заштита на САД (CBP) денеска објави дека за сите увозни производи кои не се ослободени од данок ќе важи дополнителна царинска стапка од 10 проценти. Новите тарифи се идентични со првично најавената стапка од претседателот Доналд Трамп, иако тој подоцна предупреди дека би можеле да достигнат 15 проценти, пренесе МИА.
Одлуката следи по пресудата на Врховниот суд, со која беа поништени претходните „итни“ царини. Како реакција, Трамп во петокот најави привремени глобални тарифи од 10 проценти, а веќе следниот ден изјави дека ќе ги зголеми на 15 проценти.
– Освен за производите кои се предмет на ослободување, увозот ќе биде опфатен со дополнителна „ad valorem“ стапка од 10 проценти – соопшти Царинската служба.
Овој потег предизвика нова доза неизвесност во трговската политика на САД, бидејќи не беше дадено објаснување зошто е применета пониската стапка. Според одлуката на Врховниот суд, од денеска САД повеќе не наплатуваат нелегални царини.

































