Marco Rubio
Фото: ЕПА

Американскиот државен секретар Марко Рубио оваа недела ќе отпатува во Франција каде што ќе учествува на состанокот на министрите за надворешни работи на Г7 во близина на Париз.

Главната цел на посетата е да ги убеди сојузниците во оправданоста на американската воена стратегија кон Иран, во услови на зголемени тензии на Блискиот Исток, пренесе МИА.

Според соопштението, на состанокот ќе се разговара за клучни глобални прашања, меѓу кои војната меѓу Русија и Украина, безбедносните предизвици во регионот на Блискиот Исток, како и пошироките закани за светската стабилност.

Во меѓувреме, претседателот на САД Доналд Трамп изјави дека имало контакти меѓу американски и ирански претставници, тврдење што официјален Техеран го демантираше.

Повеќето членки на Г7, вклучувајќи ги Велика Британија, Германија, Италија и Јапонија, засега остануваат резервирани кон воената операција на САД и Израел против Иран и не покажуваат подготвеност да се приклучат.