Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, изрази оптимизам дека расправијата меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и европските сојузници околу Ормускиот теснец може да се реши.
– Уверен сум дека сојузниците, како и секогаш, ќе сторат сè во поддршка на нашите заеднички интереси. Ќе најдеме пат напред – рече Руте денеска.
Во неделата, Трамп посочи дека НАТО може да има „многу лоша“ иднина ако сојузниците не помогнат да се обезбеди безбеден премин за комерцијален бродски превоз низ теснецот. Сепак, европските сојузници брзо ја отфрлија можноста за учество во потенцијална воена операција за обезбедување на испораки на гориво.
Ормускиот теснец, главна бродска рута и единствениот пат од Заливот до отворено море, е ефикасно блокиран од Иран како одмазда за воздушните напади на САД и Израел. Блокадата предизвика скокови на цените, пренесе МИА.
– Сите се согласуваат дека овој теснец не може да остане затворен. Мора повторно да се отвори што е можно поскоро. Ова е клучно за светската економија – изјави Руте пред новинарите во Брисел.































