Фото: Марк Руте / Инстаграм

Европската комисија треба да го затегне ременот, наместо да бара од земјите на ЕУ дополнителни средства, изјави холандскиот премиер Марк Руте коментирајќи го предлогот на ЕК за ревизија на Повеќегодишната финансиска рамка (МФФ) на Унијата за периодот 2021-2027 година, со кој се бараат дополнителни 66 милијарди евра.

Во предлогот на Еврокомисијата се наведува дека тие дополнителни средства се потребни за справување со финансиските тешкотии поврзани со поддршката на Украина, за менаџирање на миграцијата, како и за покривање на зголемените трошоци за задолжување при спроведувањето на мерките за закрепнување од ковид пандемијата.

Неоспорувајќи ги зголемените трошоци на буџетот на ЕУ, Руте оцени дека тие треба да се покријат со пренамена на буџетските пари.

– Значи, нашите три приоритети се: пренамена, пренамена и пренамена. Исто како и во националниот буџет, одвреме-навреме треба да го затегнете ременот на другите ставки. Тоа мораме да го сториме и во Холандија – изјави Руте.

Холандскиот премиер, сепак, нагласи дека тој е за обезбедување дополнителни средства за Украина, додавајќи дека „всушност сите го поддржуваат тоа“, иако „никој не среќен кога треба да го отвори својот паричник“ за потребите на Брисел во време на зголемен притисок за намалување на трошоците.

Се оценува дека испреплетувањето на деловните и политичките интереси продолжило да ја попречува независноста на медиумите и квалитетот на новинарството

Земјите членки на ЕУ се речиси едногласни во противењето на барањата на Европската комисија на ЕУ за дополнителни пари, при што Холандија е еден од најжестоките критичари на ваквиот предлог.

Холандија е во ек на предизборна кампања за парламентарните избори на 22 ноември. Според последните анкети на јавното мислење, новоформираната популистичка партија Нов социјален договор (НСЦ) која се противи на зајакната евроинтеграција би освоила 27 до 28 пратеници, либералната Народна партија за слобода и демократија (ВВД) на Руте 26, а коалицијата на Лабуристичката партија (ПВДА) и Зелената левица (ГЛ) предводена од поранешниот еврокомесар за климатска акција Франс Тимерманс 24 или 25 мандати. Натаму следат две десничарски партии – националистичката Партија на слободата (ПВВ) со 19 до 20 места и популистичкото Движење Земјоделци-граѓани (БББ) со 11 пратеници. Во идниот холандски Парламент би влегле уште 11 или 12 партии, предводени од либералната Демократи 66 (Д66) со шест или седум пратеници и конзервативниот Христијанско демократски повик (ЦДА) и десничарскиот националистички Форум за демократија (ФВД) со по четири или пет мандати.

Ноќеска по полноќ, по завршувањето на првиот ден од Самитот на ЕУ во Брисел, претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел изјави дека во однос на ревизијата на Повеќегодишната финансиска рамка, повеќето лидери на членките на Унијата ја потенцирале важноста за поддршката Украина, но се разговарало и за „други приоритети“ кои може да се земат предвид при носењето одлука за овој предлог. – Како ги финансираме нашите заеднички приоритети? Ова е традиционална дебата. Која е амбицијата во однос на она што ние го нарекуваме „свежи пари“ и која е амбицијата во однос на пренамената со цел да бидеме сигурни дека ќе можеме да го прилагодиме буџетот на потребите и приоритетите за следните години – нагласи Мишел.

Тој додаде дека за ревизијата на Буџетската рамка дискусиите ќе продолжат меѓу тимот на шпанскиот премиер Педро Санчез, во својство на претседавач со ЕУ, и Советот на постојаните претставници на земјите членки (Корепер), за да се дојде до прифатлива одлука.

– Кога ќе видиме и ќе почувствуваме дека таа е соодветна, Европскиот совет ќе дискутира по неа и ќе го финализира процесот на носењето одлука. Имаме заедничка цел, заедничка амбиција. Ова треба да се договори до крајот на годината. Ова е амбициозно, бидејќи не го потценуваме нивото на тежина. Ова е тешка дебата, тешка одлука, но постои заедничка волја, заедничка политичка цел да се направи се, за да се постигне овој договор до крајот на годината – додаде Мишел.