Фото:Принтскрин

Шефицата на британската дипломатија Ивет Купер вчера предупреди дека руските упади на територијата на НАТО ризикуваат вооружен конфликт, предизвикувајќи осуда од Москва, која ги отфрли европските загрижености како неосновани и хистерични.

Соочувајќи се со Русија на состанокот на Советот за безбедност на Обединетите нации, британската министерка за надворешни работи рече: „Вашата неодговорна акција ризикува директна конфронтација меѓу НАТО и Русија. Нашиот сојуз е одбранбен, но немојте да бидете во илузија дека сме подготвени да го браниме небото и територијата на НАТО алијансата“.

-Ако мораме да се соочиме со авиони кои се во просторот на НАТО без дозвола, тогаш ќе го сториме тоа – рече Купер.

Естонија во петокот соопшти дека три руски борбени авиони МиГ-31 навлегле во естонскиот воздушен простор без дозвола и таму останале вкупно 12 минути пред да бидат принудени да се повлечат, во епизода што западните претставници ја опишаа како тест за подготвеноста и решителноста на НАТО.

Советот за безбедност се состана вчера за да разговара за ова прашање. Консултациите со НАТО треба да се одржат денеска. Инцидентот се случи нешто повеќе од една недела откако 19 руски беспилотни летала влегоа во полскиот воздушен простор, принудувајќи ги авионите на НАТО да соборат некои од нив.

Коментарот на Купер беше поддржан од некои други западни министри во Советот за безбедност, кои рекоа дека неколку инциденти не можат да се сметаат за случајност.

Рускиот заменик амбасадор во ОН, Дмитриј Пољански, рече дека нема докази што ги поткрепуваат нивните тврдења и ги обвини европските сили за изнесување „неосновани“ обвинувања.

-Ние нема да учествуваме во овој театар на апсурдот, рече тој. „Кога ќе одлучите дека сакате да се вклучите во сериозна дискусија за европската безбедност, за судбината на нашиот заеднички континент, за тоа како да го направиме овој континент просперитетен и безбеден за сите, ние сме подготвени – рече Пољански.