Шефот на воената единица за радиолошка, хемиска и биолошка заштита на руските вооружени сили Игор Кирилов загина денеска во експлозија во југоисточниот дел на Москва, соопшти Истражниот комитет.
– На булеварот Рјазански во Москва активирана е експлозивна направа сместена во скутер што стоел до влезот на станбена зграда. Кирилов и неговиот помошник загинале – соопшти Истражниот комитет.
Руската агенција додава дека моќноста на експлозивната направа била околу 200 рамки ТНТ. Кирилов имаше чин генерал-полковник и беше награден со ѕвезда Херој на трудот.
Заменик-претседателот на Советот за безбедност на Русија, Дмитриј Медведев, изјави дека воено-политичкото раководство на Украина може да очекува „неизбежна одмазда“ за убиството на началникот на воената единица за радиолошка, хемиска и биолошка заштита на руските вооружени сили.
– Тие бандерити (следбеници на Степан Бандера, водач на Организацијата на украинските националисти за време на Втората светска војна), вклучувајќи го и највисокото воено-политичко раководство на исчезнатата земја, ќе се соочат со неизбежна одмазда – рече Медведев во телеграмата со сочувство по повод смртта на Кирилов, а пренесе „РИА Новости“.
Извор од Украинската служба за безбедност претходно денеска во изјава за „Ројтерс“ кажа дека Кирилов е убиен утрово во Москва во специјална операција на нивната служба.