Фото: Принтскрин

„Кинжал“ го носат борбени авиони МиГ-31 има домет до 2.000 километри и лета со брзина 10 пати поголема од брзината на звукот

Руската армија денеска објави дека за првпат употребила суперсонични ракети во Украина, среде глобалната трка за набавка на вакво оружје, кое рускиот претседател Владимир Путин го нарекува непобедливо. Портпаролот на руското Министерство за одбрана, Игор Конашенков, изјави дека на 18 март авионскиот систем „Кинжал“ со своите суперсонични балистички проектили уништил голем подземен склад со ракети и муниција на украинските воздухопловни сили кај местото Дељатин, во областа на Ивано-Франковск, во западна Украина.

Руското Министерство за одбрана на Твитер објави видео, на кое прикажано, како што се вели, уништувањето на украинскиот подземен бункер.

 

Според руските власти, „Кинжал“ го носат борбени авиони МиГ-31 има домет до 2.000 километри и лета со брзина 10 пати поголема од брзината на звукот.

Дека руските сили извршиле ракетен напад врз складиште за ракети и муниција во населбата Дељатин во областа Ивано-Франковск во западна Украина, соопшти денеска и украински воен претставник. Портпаролот на украинските воздухопловни сили Јуриј Ихнат изјави дека допрва треба да се потврди дали проектилот што го користеле Русите е навистина „Кинжал“, најнова хиперсонична ракета или некој друг вид на оружје.

Русија никогаш досега, во два претходни конфликти во кои војуваше – во Украина и Сирија, не пријавила употреба на оваа балистичка ракета. Од првото успешно тестирање во 2018 година, беше користена неколку пати како дел од воените вежби.

Официјална Москва тврди и дека овој тип проектили е предизвик за системите за противвоздушна одбрана, пишува Н1, бидејќи со нивната брзина која стасува до 12.000 километри на час е отежнато пресретнувањето, иако некои западни воени експерти изјавија дека Русија претерува за можностите на ова воздушно оружје.

Круната на руската армија е суперсоничната интерконтинентална ракета „Авангард“. Лета до 33.000 километри на час и непредвидливо го менува курсот или висината, што го прави речиси невозможно нејзиното пресретнување, пишува Н1.

Русија е првата земја во светот која разви суперсонично оружје. Рускиот претседател Путин често се фалеше со тоа, нагласувајќи дека тоа е доказ за воената супериорност на Русија.