
Подбуцнување на германската јавност во насока на зголемување на воената психоза меѓу граѓаните
Според анализите на повеќе германски медиуми, во Германија е присутен „тренд на турбомилитаризација“. Но, од друга страна, според медиумите, „во дел од јавноста има и значителни спротивставувања на амбициите за нејзина „турбомилитаризација“, бидејќи тоа е во остар контраст со намалената економска моќ на оваа држава, но спротивставувањето е и од други причини…
Свето Тоевски
„Германската војска ја смета Русија како опасност за постоењето на Германија и на Европа“, објави германскиот магазин „Шпигел“, кој имал увид во стратегиски документ на Бундесверот – оружените сили на Германија. Посебно се нагласува дека дошло до „протекување“ на овој доверлив и „стратегиски документ“, но се наметнува дилемата дали така лесно ли се случува „протекување“, и тоа баш на „стратегиски документи“ на армијата на Германија?! Или се случило намерно „лизгање“ на овој документ од интерниот информативен сообраќај на германскиот Бундесвер, во медиумската јавност, заради предвоено подбуцнување на таа иста јавност, во функција и на воени подготовки за неизбежниот судир со Русија?! Во Германија има и значителни спротивставувања на амбициите за нејзина „турбомилитаризација“, бидејќи тоа е во остар контраст со намалената економска моќ на оваа држава.
„Доверливиот документ предупредува дека Кремљ ги приспособува својата индустрија и раководство, за да ги задоволи потребите за голем судир со НАТО до крајот на оваа деценија. Русија демонстративно се подготвува за таквиот судир со НАТО, особено зајакнувајќи ги своите сили во западна Русија или на границите со НАТО“, се наведува во извештајот на „Шпигел“.
Според „случајно протечениот“ „стратегиски документ“ на германската војска, „Русија би можела да има околу 1,5 милион активни војници веќе следната година“. „Германија може да се спротивстави на оваа закана само преку постојан развој на војската и капацитетите на општествено рамниште“, се заклучува во документот на германскиот Бундесвер.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц неодамна го поддржа барањето на американскиот претседател Доналд Трамп за зголемување на целите за одбранбени трошоци на НАТО на пет проценти од бруто-домашниот производ на Германија. Претходно во март Германија го смени Уставот, за да се задолжува милијарди за вооружување: сега е овозможено германската држава да може да се задолжува за сума до илјада милијарди евра за потребите на воено-одбранбениот сектор. Ова е голема промена во политиката, откако се спушти „уставната сопирачка“ за новите огромни државни задолжувања.
Но, наспроти „тајниот“ и „стратегиски извештај“ на германскиот Бундесвер (армиските оружени сили), за кој извести „Шпигел“,деновиве се појави и „таен извештај“ на германскиот Бундестаг, парламентот, за кој информира европскиот магазин „Политико“.
„Планот на ЕУ за вооружување е веројатно неуставен. Планот на Европската комисија за формирање фонд за производство на оружје од 150 милијарди евра веројатно ги крши договорите на ЕУ. Исто така и иницијативата за давање кредити и заеми ’Безбедносна акција за Европа’ (САФЕ) може да ја прекрши повелбата на ЕУ“, се наведува во документот, подготвен од правниците на германскиот парламент.
Според овој „доверлив извештај“ на правните аналитичари на германскиот парламент, кој инаку носи датум од 30 април 2025 година, „кредитната иницијатива и план „Безбедносна акција за Европа“ притоа „најверојатно нема да го даде посакуваниот економски ефект“.
„Се поставува прашањето дали овој инструмент е спојлив со законите на Европската Унија, кои забрануваат употреба на ЕУ-фондови за оперативни мерки, што имаат воени или одбранбени последици“, наведуваат подготвувачите на оваа правна анализа, повикувајќи се на членот 41 (2) од Повелбата на ЕУ, односно на Договорот од Мастрихт.
Инаку, целта на иницијативата САФЕ е да им понуди долгорочни заеми —до 45 години, со бескаматен рок на отплата од 10 години — на членките на ЕУ, кои вложуваат во воени проекти и набавки. Комисијата на Урсула Лајен ја предложи оваа мерка, повикувајќи се на одредба од европската регулатива што се однесува на „вонредни економски ситуации“.
Правниците на германскиот парламент, Бундестагот, не бараат иницијативата за кредитирање на вооружувањето да се напушти, но тонот на нивниот извештај сугерира дека тие го сметаат САФЕ како „неизвесен“, објави „Политико“.
„Макроекономските и индустриските придобивки од ваквите инвестиции во голема мера зависат од нивната локација. Најголемиот дел од позитивниот ефект на зголемената потрошувачка на одбрана би одел во странство, главно во САД“, се наведува во заклучокот од оваа правна анализа на парламентот на Германија.
Појасно кажано, во него една од најголемите забелешки е и прашањето зошто европските пари, дадени за „Повторно вооружување на Европа“, да завршат како профит на американскиот воено-индустриски комплекс.
Во Германија во овој момент има „огнени заговарачи“ на нејзината „турбомилитаризација“, а од друга страна има трезвени и реални аналитичари, кои со сите „пропагандно-медиумски пумпања“ ја предупредуваат јавноста дека „ако не вложува во својата воена индустрија и во своите воени подготовки за претстојниот судир, тогаш Германија ќе доживее тежок пораз кога ќе биде нападната од Путинова Русија“.
Во секој случај, огромните вложувања во воената индустрија и новите оружја што се планираат во Германија се во остар контраст со полошата економска ситуација во која запаѓа оваа водечка европска држава. Германија се деиндустријализира, нејзините претпријатија ги селат своите погони и капитал надвор од државата, но намалената економска основа не се гледа како причина да „стивне“ барем за миг „воената психоза“ на неолибералните германски елити, поддржани од либерален Брисел.