Руски Гаспром продолжи да испорачува стабилни количини гас за Европа преку Украина, но испораките на австриската енергетска компанија ОМВ се запрени неколку часа откако Виена соопшти дека била известена од Москва дека снабдувањето ќе биде прекинато, пренесува БТА.
Австрискиот енергетски регулатор „Е-контрол“ денеска соопшти дека снабдувањето со гас од Гаспром е запрено изутрината во 06 часот, но оти тоа не предизвикало никаква промена на цената или нарушување на снабдувањето на австриските потрошувачи.
ОМВ бара отштета од 230 милиони евра од Гаспром врз основа на арбитражна одлука според правилата на Меѓународната трговска комора.
Рускиот енергетски гигант соопшти дека денеска ќе испорача 42,4 милиони кубни метри гас за Европа преку Украина, што е еднакво на количините испорачани вчера.
Протокот кон Словачка останува на стабилно ниво, но обемот за Австрија што транзитирал низ Словачка овој месец бил околу 16% под просекот, покажуваат информациите од преносниот оператор Еурострим.
Пред војната во Украина, Русија беше најголемиот снабдувач на природен гас во Европа, но оттогаш ги загуби речиси сите свои клиенти поради одлуката на ЕУ да ја намали зависноста од Москва, како и експлозијата на гасоводот Северен поток во 2022 година.
Сега единствениот пат за транспорт на руското сино гориво во Европа останува гасоводот Уренгои-Помари-Ужгород од советската ера преку Украина, но на крајот на оваа година тој исто така ќе престане да работи поради неподготвеноста на Киев да го продолжи петгодишниот договор за транзит на гас од северносибирските наоѓалишта до Словачка, Чешка и Австрија.
Испораките на австриската компанија ОМВ вообичаено сочинуваат околу 40 % од протокот на руски гас што минува низ Украина.