Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков денеска изјави дека Русија прифатила да се воздржи од напади врз Украина до 1 февруари, во согласност со молбата на американскиот претседател Доналд Трамп.
– Москва се согласи на барањето на претседателот на САД, Доналд Трамп, да се воздржи од напади врз Украина до 1 февруари за да се создадат поволни услови за преговори. Зборуваме за создавање поволни услови за преговори. Да, секако, постоеше личен апел од претседателот Трамп – соопшти Песков.
Трамп вчера изјави дека лично го замолил Путин да не ги напаѓа Киев и низа други градови во Украина поради екстремниот студ во наредните недела дена.
Специјалниот пратеник на Соединетите Американски Држави, Стив Виткоф, рече дека во најновите преговори е постигнат значаен напредок во напорите да се стави крај на војната во Украина.
Зборувајќи за можниот мировен договор меѓу Украина и Русија, Виткоф на состанокот на Кабинетот отворен за јавноста рече дека се случуваат „многу добри работи“ меѓу двете страни кои разговараат за територијален договор и дека преговорите ќе продолжат следната недела.
































