Финска беше исклучена од руската електрична мрежа, а Русија спроведе воени вежби во Калининград, својата енклава на Балтичкото Море, по најавата на Хелсинки дека планира да аплицира за членство во НАТО.
Рускиот претседател Владимир Путин, во денешниот телефонски разговор со финскиот колега Саули Нинисто, истакна дека би било грешка ако Хелсинки се откаже од неутралниот статус и се придружи на НАТО, соопшти Кремљ.
Финска не се соочува со безбедносни закани и потенцијалната промена во нејзината надворешнополитичка позиција може негативно да влијае на билатералните односи помеѓу двете земји, истакна Путин.
Тој го информирал Нинисто дека преговорите со Киев практично се стопирани и оти украинската страна не е заинтересирана за сериозен и конструктивен дијалог.
Телефонскиот разговор беше реализиран на барање на Нинисто.
– Разговорот беше директен и отворен и беше воден без отежнување – посочи Нинисто.
Тој во телефонскиот разговор со Путин истакна дека по руската инвазија драстично се променило безбедносното опкружување на Финска поради што земјата одлучила во следните денови да побара членство во Алијансата.
Рускиот заменик-министер за надворешни работи Александат Грушко изјави дека Москва ќе преземе соодветни мерки ако НАТО распореди нуклеарни сили и инфраструктура во близина на границата со Русија.
– Ќе биде потребно да се одговори со преземање на соодветни мерки на внимателност кои ќе обезбедат одвраќање – истакна Грушко.
Тој додаде дека не гледа „реални“ причини“ зошто Финска и Шведска сакаат да ѝ се придружат на Северноатлантската алијанса. Додека потпретседателот на Одборот за одбрана во Думата, Алексеј Жураљов истакна дека Русија може да ја збрише Финска од лицето на Земјата за десет секунди.
Тој и се закани и на Велика Британија, наведувајќи дека на руските нуклеарни проектили им треба три минути да стигнат до Островот.
– Американците ќе направат се за да дојде до Трета светска војна. Ќе се обидат да ја вовлечат цела Европа во конфликт со Русија, ќе се обидат да ја запалат ситуацијата во Азија и да размрдаат што е можно повеќе земји. Тоа ќе биде одличен начин за да се извлечат од внатрешната економска криза. За сите проблеми ќе ја обвинат војната, како што правеа во Првата и во Втората светска војна – наведе Жураљов.
На прашањето дали е можно Русија прва да нападне со атомска бомба, тој одговори: „секако, но под услов ако се доведе во прашање самото постоење на Русија“.
Тој им се закани и на балтичките земји.
– Ние дефинитивно не се плашиме од тие кикиритки-држави. Тие се како смрдливи бубачки, ќе треба да се згазнат кога ќе биде нужно. Сега бубачките се мали и смрдливи – посочи Жураљов.
Русија денеска изведе и воена вежба во својата енклава Калининград, лоцирана помеѓу Полска и Литванија.
Руските авиони ловци Су-27 симулираа непријателски воен напад врз Калининград.
Според руските медиуми во вежбата повеќе од десет Су-27, кои ги „уништиле“ авионите на „симулираниот“ непријател.
Финскиот национален мрежен оператор, „Фингрид“ потврди за „Скај њуз“ дека повеќе нема струја што доаѓа од Русија.
Реима Паивинен, виш потпретседател на Фингрид, рече дека се „убедени дека нема да има големи проблеми“, а се очекува Шведска да помогне.
Електричната енергија од Русија сочинува околу 10 отсто од вкупната потрошувачка на Финска.
Ваквата состојба уследи откако Финска потврди дека ќе поднесе барање за членство во НАТО.