Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров изјави дека е очигледно оти рускиот мораториум за распоредување на ракети со среден и краток дострел е практично неодржлив и дека Русија ќе мора да се откаже од него откако САД, како што наведе, арогантно ги игнорираше предупредувањата на Русија и Кина и се префрли на распоредување на оружје од таа класа во различни региони во светот.
Во интервју за „РИА Новости“, Лавров рече дека Русија ќе одговори пропорционално, како што најави рускиот претседател Владимир Путин, и дека Москва нема да преговара со САД за контрола на нуклеарното оружје додека, како што наведе, доколку Вашингтон не се откаже од сегашниот антируски курс.
Тој изјави дека Русија продолжува да се придржува до квантитативните ограничувања за оружје предвидени во Новиот договор „СТАРТ“.
– Сега не гледаме причина да погодуваме што ќе се случи по февруари 2026 година, кога истекува „Новиот СТАРТ“. Многу повеќе може да се случи во наредната година. Значи, во оваа фаза би било прерано, па дури и неразумно да ги објавиме нашите можни потези во оваа чувствителна област – рече Лавров, пренесе „Танјуг“.
Според неговите зборови, ако САД навистина сакаа да се стави крај на конфликтот во Украина, ќе ја запреа испораката на оружје во Киев и ќе му наредеа на режимот во Киев да го продолжи преговарачкиот процес без никакви услови.
Лавров посочи дека Русија е подготвена за преговори, но дека тие мора да бидат насочени кон елиминирање на основните причини за украинската криза и да се земе предвид реалната состојба на теренот.