Русија, Кина и Монголија денеска потпишаа меморандум за изградба на гасоводот „Силата на Сибир 2“ и транзитниот гасовод „Сојуз на Истокот“ преку Монголија, изјави денеска генералниот директор на Гаспром, Алексеј Милер.
– Врз основа на јавната изјава дадена од лидерите на трите земји, Русија, Кина и Монголија, денеска е потпишан правно обврзувачки меморандум за изградба на гасоводот „Силата на Сибир 2“ и транзитниот гасовод „Сојуз на Истокот“ преку Монголија – рече тој.
Милер нагласи дека овој проект ќе овозможи испорака на 50 милијарди кубни метри гас годишно од Русија преку Монголија.
Кинескиот претседател Си Џинпинг, рускиот претседател Владимир Путин и монголскиот претседател Ухна Хурелсух денеска одржаа трилатерален состанок во Пекинг и повикаа на зајакнување на единството и соработката меѓу земјите.
– Колку што е меѓународната ситуација понестабилна и покомплицирана, толку повеќе Кина, Русија и Монголија треба да го зајакнат единството и соработката, да ја зголемат меѓусебната поддршка и да ги почитуваат меѓусебните основни интереси и сериозни загрижености – рече Си.
Си и Путин претходно одржаа разговори во поширок и потесен формат и се согласија дека билатералните односи меѓу двете земји се на исклучително високо ниво.