Русија ја повикува Турција да покаже воздржаност и да спречи понатамошна ескалација во Сирија, изјави денеска на прес-конференција претставникот на рускиот претседател за Сирија, Александар Лаврентиев.
– Ги повикуваме нашите турски колеги да покажат одредена воздржаност за да се спречи ескалација на тензиите, не само во северниот и североисточниот дел на Сирија, туку и во целата земја. Сметаме дека треба да продолжиме да работиме со сите заинтересирани страни и да се обидеме да најдеме вистински решенија, вклучително и за така нареченото курдско прашање – истакна Лаврентиев.
Тој потсети дека поради неодамнешниот терористички напад во центарот на Истанбул, во кој загинаа шест лица, а повеќе од 80 беа повредени, Турција започна воздушна операција наречена „Канџа-меч“.
Осомничените за овој напад во Истанбул признаа дека се поврзани со Курдиската работничка партија (ПКК), чии активности се забранети во Турција.