Фото: Пиксабеј

Руските и украинските власти пристигнаа во Турција за да потпишат договор поддржан од ОН, чија цел е да се дозволи извозот на жито да ја напушти Украина во услови на глобална прехранбена криза предизвикана делумно од неиспровоцираната инвазија на Москва врз нејзиниот сосед.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека министерот Сергеј Шојгу стигнал до Истанбул, каде што договорот треба да биде потпишан подоцна на 22 јули.

Во Турција пристигна и министерот за инфраструктура на Украина, Олександр Кубраков, соопшти неговото министерство.

Минатата недела, украинската и руската воена делегација постигнаа договор за планот на ОН кој ќе и овозможи на Украина да извезе 22 милиони тони жито и други земјоделски производи. Конечниот договор за снабдување со жито беше постигнат на 21 јули по разговорите со учество на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш.

Житото беше заробено во јужна Украина откако Русија ја започна својата неиспровоцирана инвазија на Украина на 24 февруари, со блокада на Црното Море што резултираше со пад на извозот на Украина на една шестина од нивното предвоено ниво.

Пред потпишувањето на договорот генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш одржа краток говор.

– Благодарам на Русија и Украина што ги надминаа сите разлики и ги оставија настрана нивните несогласувања, со цел да се отвори патот за иницијатива, која ќе им служи на заедничките интереси на целиот свет – посочи Гутереш, додавајќи дека „фокусот беше на она што е најважно за светот“.

Говорејќи во Истанбул на 22 јули, Ердоган изрази оптимизам дека ќе му каже „добри вести“ на светот за извозот на жито по потпишувањето.

-Наскоро, ќе бидат ставени потписи со учество на Русија, Украина и генералниот секретар на ОН, со што ќе се надминат проблемите за прашањето за житото, а тогаш ќе му дадеме на светот добри вести – рече Ердоган на настан во најголемиот турски град.

Михајло Подољак, врвен украински претседателски советник, во своите забелешки на Твитер посочи дека Украина не го потпишува договорот со Русија, туку со ОН и Турција.

Тој додаде дека „нема да има придружба на транспорт на жито од руски бродови, ниту ќе има присуство на руски претставници во нашите пристаништа“.

– Во случај на провокации, ќе има итен воен одговор – напиша тој, додавајќи дека сите инспекции на транспортните бродови ќе ги вршат заеднички тимови во турските води „доколку се појави потреба“.

Руските новински агенции цитираат извори кои велат дека трите украински пристаништа, вклучително и најголемиот извозен центар на земјата, Одеса, ќе бидат повторно отворени.

Соединетите Американски Држави го поздравија најавениот договор, но Стејт департментот соопшти дека ќе се фокусира на тоа да побара одговорност од Русија за спроведувањето на договорот.