Русија и Украина во изминатите неколку дена дискутираа за прашањето на мировните преговори, но се чини дека ставањето крај на десетмесечната војна не е на повидок, судејќи според последните изјави на спротивставените страни, односно според тешко остварливите барања што јавно ги изнесоа. Може да се каже дека условите доаѓаат со т.н. „финта 22“, што претставува термин за парадоксална ситуација од која нема излез, поради контрадикторните правила или ограничувања. Овој термин потекнува од истоимениот роман на американскиот писател Џозеф Хелер.
Рускиот претседател Владимир Путин, во телевизиско интервју во неделата, рече дека е подготвен да преговара за прифатливи сценарија со сите учесници во процесот, додавајќи дека Русија не е таа што ги одбива разговорите, туку Украина.
Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба веќе следниот ден во разговор со „Асошиејтед прес“ зборуваше за надежите за одржување на мировен самит во февруари, со цел да се запрат руските напади врз неговата држава.
– Секоја војна завршува на дипломатски начин. Секоја војна завршува како резултат на акциите преземени на бојното поле и на преговарачката маса – истакна Кулеба.
Токму овие изјави го наведуваат „Њузвик“ на заклучок дека изгледите за скоро завршување на војната се нереални.
– Но, земајќи ги предвид изјавите на Путин и на украинскиот претседател Володимир Зеленски за неопходните услови за прифаќање на мировен договор, изгледите за скоро завршување на војната делуваат нереално – пишува американскиот магазин.
Кремљ можеби ја отвора вратата за преговорите, но нападите врз Украина не попуштат, како што беше случај во неделата, кога во два наврата беше огласена тревога за опасност од воздушни напади во цела Украина.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров вчера подетално зборуваше за условите кои Русија ги смета за неопходни за постигнување мир. Според Лавров, Украина мора да се предаде.
Можеби главниот услов за Русија би претставувало задржувањето на контрола врз четирите региони на Херсон, Запорожје, Донецк и Луганск што беа анектирани во септември, според „Њузвик“.
Предлозите на Москва за решавање на проблемите во Украина му се добро познати на Киев – и Украина или ќе ги исполни за свое добро или руската армија ќе одлучи за тоа, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров за агенцијата ТАСС.
– Нашите предлози за демилитаризација и денацификација на териториите контролирани од режимот во Киев, отстранување на заканите за безбедноста на Русија кои доаѓаат од таму, вклучително и нашите нови територии, му се добро познати на непријателот. Значењето е едноставно. Исполнете ги условите за свое добро. Во спротивно, за тие прашања ќе одлучува руската армија – изјави Лавров.
Кулеба, пак, предложи можен мировен самит, сугерирајќи дека генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш би можел да биде посредник во процесот. Но, додаде и дека Русија би била поканета само доколку се соочи со гонење поради воени злосторства пред меѓународен суд, со што е извесно дека Кремљ не би прифатил да биде дел од таков самит.
Како важен услов за мир, Зеленски, упати повик до Путин да ги врати трупите во Русија, кога разговараше со лидерите од Г7. На повикот на украинскиот претседател одговори портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, велејќи дека барањата на Зеленски само ќе резултираат со „продолжување на непријателството“.
Професорот на политички науки на универзитетот на Њу Хемпшир, Лоренс Рирдон, во изјава за „Њузвик“ истакна дека Зеленски презема чекори за да придобие поддршка за руско повлекување.
– Зеленски се обиде да консолидира материјална и морална поддршка од НАТО за да ја постигне целта на Украина да ги избрка руските окупатори од украинската земја – кажа Рирдон.
Украинскиот лидер во повеќе нaврати побара Русија да се соочи со одредена казна поради војната, преку понатамошни санкции во ОН, според кои Москва би останала без местото во Советот за безбедност. Зеленски бараше и безбедносни гаранции, како и враќање на територијалниот интегритет на Украина.
Професорот Марк Кац од универзитетот „Џорџ Мејсон“, смета дека не е веројатно Путин да се согласи со изложените услови на Зеленски.
– Путин може да каже дека е заинтересиран за преговарање, но не мислам дека е подготвен да ги повлече трупите или да се откаже од анексираната украинска територија, дури и од онаа што ја загубил или не ја ни освоил. Негова главна цел е да каже дека е подготвен да преговара за да ги наведе САД и НАТО да ја намалат или запрат помошта за Украина, надевајќи се дека најмалку територијата на која веќе полага право – смета Кац.
Згора, меѓу барањата на Зеленски неопходни за одржување на мировни преговори, беше истакнато дека Путин треба да ја напушти претседателската функција.