Фото: Илустрација/ Принтскрин

По најмасовниот напад со украински дронови врз руски воени бази, руските сили значително ги засилија безбедносните мерки на окупираниот Крим – соопшти украинската партизанска група АТЕШ (Оган).

Според нив, руската противвоздушна одбрана сега деноноќно патролира околу клучните воени аеродроми во Саки, Џанкој и Гвардејское.

Војниците се жалат на исцрпеност и недостиг од персонал, додека контролите на административната граница меѓу Крим и Херсонската област се дополнително заострени.

Нападот, извршен во ноќта од 1 на 2 јуни, беше насочен кон четири руски воени бази, при што беа користени 117 дронови. Според украински извори, уништени или тешко оштетени се најмалку 13 руски стратешки бомбардери, вклучувајќи ги Ту-95МС и Ту-22М3, со проценета штета од околу 6 милијарди евра. Операцијата, подготвувана од украинската служба за безбедност (СБУ) повеќе од година и пол, вклучувала криумчарење на дронови во Русија скриени во дрвени кабини на камиони. Нападите предизвикаа пожари и уништување на авиони во базите во Иркутската и Мурманската област. Руското Министерство за одбрана ја потврди штетата и соопшти дека дел од напаѓачите се уапсени.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја нарече операцијата „брилијантна“, истакнувајќи дека е уништена или оштетена речиси третина од руската флота на стратешки бомбардери.

Украинската партизанска група АТЕШ е движење на отпорот основано во септември 2022 година, како одговор на руската инвазија врз Украина. Групата е формирана од Украинци и Кримски Татари и дејствува на окупираните територии на Украина, особено на Крим, но и на територијата на Русија.