Русија е подготвена на разумни компромиси за решавање на украинското прашање, но нема суштински преговори, изјави денеска рускиот претседател Владимир Путин.
Подготвени сме да бараме компромиси, подготвени сме да ги направиме тие разумни компромиси, но не сакам сега да навлегувам во детали, бидејќи нема суштински преговори, а другата страна тоа го одбива – рече Путин во интервју за телевизијата Русија 1.
Тој рече дека Киев досега двапати ги отфрлил преговарачките иницијативи за конфликтот во Украина, кои Русија претходно се согласи да ги разгледа. Коментирајќи ги предлозите на Турција за кризата во Украина, Путин рече дека е неопходно да се разбере на што е подготвена Украина.
Путин изјави дека турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на состанокот во Казан на маргините на самитот на БРИКС предложил иницијативи поврзани со украинската криза. Претседателот на Русија рече дека ќе ги проучува овие иницијативи.
-Кога се договоривме, сакам да повторам уште еднаш, да ги продолжиме контактите на оваа тема, еден ден подоцна украинските партнери одеднаш објавија дека не се подготвени. Toа се случи уште еднаш, но на крајот на краиштата треба да сфатиме дали се подготвени или не се подготвени, за што се подготвени, само потребно е време за детално разгледување на предлозите што дојдоа од турската страна – рече Путин.