Во американската сојузна држава Аризона, обвинети се 18 лица во врска со обидот за промена на резултатите од претседателските избори во 2020 година во корист на Доналд Трамп, објави државниот обвинител, цитиран од американските медиуми.
Според американските медиуми, меѓу обвинетите е и Руди Џулијани, личниот адвокат на поранешниот претседател Доналд Трамп.
Во обвинението се вели дека имало заговор да се доделат гласовите на американскиот Изборен колеџ, кои се користат на секои четири години за избор на нов претседател, во корист на Доналд Трамп во таа држава, во која во 2020 година беше тесно победен од Џо Бајден. Јавниот обвинител на Аризона рече дека во случајот се вклучени 11 локални републиканци, како и седум други надвор од државата.
Според „Вашингтон пост“, меѓу седумте се поранешниот шеф на кабинетот на Доналд Трамп во Белата куќа, Марк Медоус, адвокатите Џена Елис и Џон Истман, советникот во кампањата Борис Епштајн и Руди Џулијани, поранешниот личен адвокат на Доналд Трамп.
Против поранешниот претседател не е покренато обвинение, но тој е наведен како необвинет соучесник, пишува „Вашингтон пост“.
Џо Бајден ја освои оваа југозападна држава со нешто повеќе од 10.000 гласови пред милијардерот, но многу претставници на Републиканската партија веруваа, без докази, дека имало измами и дека Доналд Трамп победил на изборите во Аризона.
Аризона стана четвртата американска држава, по Мичиген, Џорџија и Невада, која презема правни мерки против луѓето кои се обиделе да формираат алтернативна листа на претставници на Изборниот колеџ, која го одредува американскиот претседател.