САД не се во војна со Венцуела туку со наркотрговците, и не ни треба венецуелската нафта, но не сакаме глобалните ривали и противници на Америка да ги преземат венецуелските ресурси, изјави американскиот државен секретар Марко Рубио за Ен Би Си, коментирајќи ја американската интервенција во Венецуела и апсењето на претседателот Николас Мадуро.
– Тоа што се случува не е војна. Ние сме во војна со организации за трговија со дрога, но тоа не е војна со Венецуела. Ние ги спроведуваме американските санкции за нафта. Санкциониравме одредени субјекти. Одиме на суд, добиваме налози и запленуваме танкери за нафта. Тоа ќе продолжи – рече Рубио.
Тој кажа дека моментално нема американски сили на терен во Венецуела, посочувајќи оти американските војници биле на венецуелска територија околу два часа.
Рубио не одговори директно на прашањето кој моментално ја води Венецуела, но нагласи дека САД сакаат „Венецуела да се движи во одредена насока“.
– Клучно е што очекуваме промени во Венецуела, промени од секаков вид, краткорочни и долгорочни. Сакаме Венецуела да се движи во одредена насока затоа што мислиме дека тоа е добро за народот на Венецуела, но и во наш национален интерес, – истакна шефот на дипломатијата на САД.
Тие промени, како што посочи, вклучуваат „прекин на трговијата со дрога и прекин на присуството на Иран и Хезболах во земјата“, а венецуелската нафтена индустрија повеќе да не се користи „за збогатување на американските противници низ целиот свет, туку во корист на Венецуела и САД“.
На прашањето зошто САД не соработуваат со лидерката на опозицијата Марија Корина Мачадо во процесот на транзиција, тој рече дека администрацијата во моментов се соочува со „непосредната реалност во Венецуела“.
– За жал, огромното мнозинство од опозицијата веќе не е присутно во Венецуела. Имаме краткорочни проблеми што мора веднаш да се решат. Сите сакаме светла иднина за Венецуела, но сега зборуваме за тоа што ќе се случи во следните две до три недели и два до три месеци – нагласи Рубио.
Тој не сакаше да прецизира кога ќе се одржат изборите во Венецуела.
– Мислам дека е прерано да се зборува за тоа сега. Сè уште има многу работа. Да бидеме реални: во моментов сме фокусирани на сите проблеми што ги имавме кога Мадуро беше на власт – објасни државниот секретар на САД.
Во врска со одредбата во Уставот на САД дека само Конгресот може да објавува војна и зошто не било побарано одобрение за интервенцијата во Венецуела, Рубио потврди дека Конгресот не бил известен однапред за вчерашната операција, но оти тоа и не било потребно.
Апсењето на Николас Мадуро, според него, не била акција за која е потребно одобрение од Конгресот бидејќи не станувало збор за војна.
Тој ја опиша операцијата како „спроведување на законот за апсење на наводен член на нарко-картел“, истакнувајќи дека тоа не е долгорочна воена операција.
– Тоа беше многу чувствителна операција и бараше сите околности да се совпаднат во вистинско време на вистинското место, без ризик од протекување на информации – вели Рубио.
Негира дека интервенцијата е заради венецуелската нафта, но нагласи дека САД не сакаат да им дозволат на глобалните ривали да ги преземат ресурсите на Венецуела.
– Не ни треба венецуелска нафта. Имаме доволно од неа во САД. Она што нема да го дозволиме е венецуелската нафтена индустрија да биде контролирана од противниците на САД. Зошто на Кина ѝ е потребна нивната нафта? Зошто на Русија? Зошто на Иран. Нема да дозволиме Западната хемисфера да стане база за операции за противниците, конкурентите и ривалите на Соединетите Американски Држави. Сакаме приходите од нафта да им користат на луѓето од Венецуела – изјави Рубио.































