Фото: Официјален фејсбук-профил

Додека украинскиот претседател Володимир Зеленски зборува денеска во Брисел, американскиот државен секретар Марко Рубио даде интервју во САД, во кое ги коментираше резултатите од завчерашниот самит меѓу Доналд Трамп и Владимир Путин.

Рубио, кој учествуваше на самитот заедно со Трамп, рече дека и Русија и Украина ќе мора да направат отстапки ако сакаат да постигнат мировен договор.

-Двете страни сакаат работи што нема да можат да ги добијат – рече Рубио, додавајќи дека „можеби дури и да не биде можно САД да создадат сценарио што би ја завршило војната во Украина“.

Меѓутоа, тој нагласи дека мора да се разговара за безбедносните гаранции за Украина, што го смета за клучен елемент на секој можен договор.

Тој додаде и дека американската администрација забележала доволен напредок за да го оправда продолжувањето на разговорите со Зеленски.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен денеска во Брисел имаше средба со Зеленски, за да го договорат заедничкиот настап на утрешната средба во Вашингтон со американскиот претседател Доналд Трамп.

Покрај Фон дер Лајен и Зеленски на средбата со Трамп ќе учествува и францускиот и финскиот претседател, германскиот канцелар, британскиот премиер, и италијанската премиерка, како и со генералниот секретар на НАТО.Консултациите меѓу нив се одвиваат вчера и денеска преку видо врски.

На заедничката прес-конференција по средбата Фон дер Лајен и Зеленски беа прашани за ставот на американскиот претседател Доналд Трамп дека примирјето е непотребно и дека војната може да се запре со склучување мировен договор без прекин на огнот.

Трамп претходно рече дека „мировниот договор е поважен од примирјето“ и дека „примирјето не е потребно за да се запре војната“, на што Фон дер Лајен денеска одговори дека „како тоа ќе се нараче и не е важно“.

-Важно е каква ќе биде изведбата, а изведбата мора да биде за да се запре убивањето – рече Фон дер Лајен, додавајќи дека „тоа е најважното нешто, без разлика дали го нарекувате примирје или мировен договор“.

Украинскиот претседател и денеска се изјасни дека е клучно Европа да остане обединета како што беше во 2022 година, кога започна целосната руска инвазија, бидејќи само тогаш ќе биде можно да се постигне „вистински мир“.

-Путин има многу барања, но не ги знаеме сите – рече Зеленски, додавајќи дека ќе биде потребно време да се разгледаат, но дека е „невозможно да се направи тоа под притисок на оружје“.

Тој го повтори вчерашниот европски заеднички став дека е потребен трилатерален самит на Украина, Русија и САД, но дека „Русија не покажува знаци дека се согласува на такви разговори“.

-Доколку Русија одбие, тогаш мора да следат нови санкции – рече Зеленски.