Фото: Официјален фејсбук-профил

Меѓународните безбедносни сили што ќе бидат распоредени во Појасот Газа според условите на договорот за прекин на огнот ќе мора да бидат составени од земји на кои Израел „нема да има забелешки“, изјави денеска американскиот државен секретар Марко Рубио, кој е во посета на Израел.

Тој додаде дека идното управување со Појасот Газа сè уште не е финализирано помеѓу Израел и партнерските земји, но нагласи дека тоа не може да го вклучува Хамас.

Рубио потенцира и оти сè уште не е дефинирана каква било потенцијална улога на Палестинската самоуправа во идното управување со палестинската енклава.

Тој истакна и дека повеќе држави  се подготвени да ги нормализираат односите со Израел, но оти таквата одлука ќе зависи од поширок регионален договор.

– Траен крај на војната во Газа би охрабрил повеќе земји да се приклучат на Аврамовите договори, според кои Обединети Арапски Емирати, Бахреин и Мароко ги нормализираа односите со Израел по 2020 година – истакна Рубио.