Финската премиерка од влегувањето во политиката отстапува од она што сме навикнати да го гледаме кај луѓето од таа сфера, како со својот политички ангажман така и со приватниот живот. Така, на пример, неодамна на рок-фестивал во Финска се појави во кожна јакна, жешки панталони и чизми
КОЈА Е САНА МАРИН, ПРЕМИЕРКА НА ФИНСКА
Кога пред две години стана премиерка на Финска, денес 36-годишната Сана Марин им го привлече вниманието на медиумите не само во нејзината земја туку и многу пошироко. Причина за тоа не беше само фактот дека финската премиерка тогаш влезе во историјата како најмлада премиерка на една земја, туку и поради нејзиното неконвенционално однесување, што отскокнува од вообичаената претстава што ја има јавноста за политичарите.
Ваквиот впечаток особено се засили неодамна, а медиумите уште повеќе се заинтересираа за неа, откако таа ја заинтригира јавноста со своето појавување на финскиот музички фестивал „Руисрок“. За поголемиот дел од јавноста беше вистинско освежување да видат млада премиерка во кожна јакна, кратки фармерки и чизми, што не е глетка што често се гледа.
Но не е само нетипичниот избор на облека за луѓе на ваква политичка позиција, туку младата финска премиерка веќе извесно време со својот политички ангажман, како и со приватниот живот отскокнува од она што сме навикнале да го гледаме кај луѓе од таа сфера.
Кога веќе станува збор за приватниот живот, фактот што заинтригира многумина, а особено политичката опозиција, е дека таа израснала во т.н. „виножито семејство“, односно со својата мајка и нејзината партнерка, со која нејзината мајка се запознала по разводот од таткото на Сана. Како што пишува „Дејли мејл“, семејството често преживувало од социјална помош, па младата Марин морала да работи уште од мала – да доставува списанија и да работи во пекарница.
Интересно е да се обележи дека и покрај нејзините подоцнежни успеси, нејзината професорка во средно училиште нагласува дека била „далеку од чудо од дете“, туку само „просечен студент“. Дипломирала во средно во 2004 година, на 19-годишна возраст, а нејзините оценки биле доволно добри за да се запише на Универзитетот во Тампере, каде што студирала административни науки и била првата личност во нејзиното семејство што воопшто студирала на универзитет.
За време на студиите, таа го доживеала својот „политички повик“, а фактот дека нејзината работа мора да биде од корист не само за нејзиниот живот туку и за животите на оние околу неа, особено на сиромашните жени, ѝ ја разбудил желбата да стане повеќе политички ангажирана.
Миленичка на јавноста и на медиумите
Конкретниот политички ангажман Сана Марин го започнува во Социјалдемократската партија, на чие чело е денес. Во партијата се зачлени во 2006 година, а од 2010 до 2012 година стана нејзин прв потпретседател. Во една статија за „Ајриш тајмс“, таа ги наведе пораките на американскиот, политички ориентиран рок-бенд „Рејџ агејнст д машин“ како една од главните инспирации зад нејзината работа, што ја доведе до позицијата втор потпретседател на Социјалдемократската партија во 2014 година, како и претставник на регионот Пирканмае во финскиот парламент во 2015 година.
Во меѓувреме со својата несекојдневна појава им го привлече вниманието на голем број медиуми, а во 2019 година влезе во Владата како министерка за транспорт и врски. Поттикната од сопственото воспитување, преку својата „Програма за еднаквост“ си ја има поставено за цел благосостојбата на жените и на оние со ниски примања. Со таквите ставови набрзо се пробива до самиот врв на државата, а со својата работа, активност и добро осмислени кампањи таа продолжува да ја стекнува довербата на народот и уште поголемо медиумско внимание.
Во тие рамки особено се издвојува нејзиниот став како премиерка во однос на рускиот претседател Владимир Путин по започнувањето на воените дејства во Украина. Сана Марин повторно настапи многу храбро, затоа што со раскинувањето на повеќедеценискиот договор за неутралност со Русија што беше во сила уште од Зимската војна – несреќниот обид на Москва да ја нападне Финска непосредно пред избувнувањето на Втората светска војна – Марин го зацрта патот за нејзината земја да се приклучи на НАТО. Зборувајќи заедно со шведската премиерка Магдалена Андерсон, Марин решително изјави дека е во интерес на нејзината земја да поднесе барање за приклучување кон Алијансата „во рок од неколку дена“.
Релаксирана и во приватниот живот
Што се однесува до приватниот живот, таа пред две години се омажи за фудбалерот Маркус Раиконен. Двојката се запознала кога и двајцата имале 18 години, а родители се и на четиригодишното девојче Ема.
Во есента 2020 година беше критикувана за елегантната црна јакна со длабоко деколте што ја носеше по повод фотосесијата за финскиот магазин „Тренди“. Поради нејзината вклученост во социјалните мрежи, токму таму таа собра многу приврзаници што ја поддржаа.
– Секој што осудува отворени гради може да престане со лицемерство. Нашата убава премиерка е добар пример за сите Финки – беше еден од коментарите.
– Прекрасна жена што не се плаши да крши правливи, закоравени патријархални формули – гласат коментарите.
На почетокот на оваа година, таа воодушеви над половина милион нејзини следбеници на Инстаграм кога во кожна јакна и фармерки ја демонстрираше својата сила, додека се подигаше на мускули на метална шипка, за време на излегување со семејството во парк. Додека некои ја нарекуваат дека привлекува „милениумски гласачи“ со објави на Инстаграм што го откриваат нејзиниот живот надвор од политиката, многумина ја одобруваат нејзината активност на социјалните мрежи, каде што често ги покажува модните комбинации и соживотот со сопругот, како и за време на бременоста, кога честопати се јавуваше за да извести како се чувствува, што јаде и како се подготвува да стане мајка.
Како круна на сето тоа, таа деновиве повторно го привлече вниманието на целиот интернет со своето појавување на финскиот музички фестивал, а веднаш по објавувањето на нејзината фотографија од тој настан, социјалните мрежи беа преплавени со пофалби за „најкул шефицата на влада во Европа“, што дополнително го зацврсти нејзиниот статус кај помладата публика.
Подготвил: Марјан Велевски