Американската војска премести дел од авионите и бродовите од базите на Блискиот Исток кои би можеле да бидат изложени на потенцијален ирански напад, изјавија за Ројтерс двајца неименувани американски функционери, a пренесe „Танјуг“.
Функционерите во среда изјавија дека преместувањето на авионите и бродовите е дел од плановите за заштита на американските сили, но одбија да кажат колку од нив биле преместени или каде.
Еден од функционерите рече дека авионите што не биле во засилени засолништа биле преместени од воздухопловната база Ал-Удеид, а дека воените бродови биле преместени од пристаниште во Бахреин, каде што е сместена Петтата флота на САД.
– Ова не е невообичаена практика – рече функционерот, додавајќи дека приоритет е заштитата на американските сили.
Одделно, Амбасадата на САД во Катар утрово издаде предупредување со кое привремено го ограничува пристапот на својот персонал до воздухопловната база Ал-Удеид, најголемата американска воена база на Блискиот Исток, која се наоѓа во пустината во близина на Доха.
Амбасадата им порача на вработените и на американските граѓани во Катар да бидат зголемено претпазливи „со оглед на тековните регионални непријателства“.
Американскиот претседател Доналд Трамп јавно разговараше за можен напад врз Иран во среда, велејќи дека има „идеи што да прави“.
Часови претходно, тој рече: „Можеби ќе го направам тоа. Можеби и нема да го направам“, кога беше прашан дали нападот врз Иран е неизбежен.
Иран го предупреди Вашингтон дека ќе одговори енергично ако САД директно се вклучат во воената кампања на Израел, изјави во среда амбасадорот на Иран во Обединетите нации во Женева.