Американскиот министер за здравство Роберт Ф. Кенеди Помладиот беше остро испрашуван во Сенатот за неговото управување со здравствените агенции, особено во врска со политиките за вакцинација и промените во работата на институциите.
Во тричасовното сослушување, демократите го обвинија Кенеди дека лаже и дека го ограничува пристапот на Американците до вакцини, а истовремено и неколку републикански сенатори изразија загриженост.
Сослушувањето дојде една недела откако Кенеди ја разреши директорката на Центарот за контрола и превенција на болести (ЦДЦ), Сузан Монарез, по судир околу политиките за вакцинација.
Од преземањето на функцијата во февруари, Кенеди направи серија промени што ги вознемирија здравствените експерти. Во јуни тој ги разреши сите членови на независниот совет за вакцини, кој дава препораки за имунизација. Новите членови, назначени од Кенеди, вклучуваат и познати критичари на вакцините, што предизвика сериозна загриженост кај стручната јавност.
Во текст објавен вчера во „Волстрит џурнал“, Монарез изјави дека била отпуштена затоа што одбила да одобри препораки на новиот совет за вакцини.
На сослушувањето, сенаторот демократ Рон Вајден го праша Кенеди за оваа изјава. Кенеди го негираше тврдењето, објаснувајќи дека побарал Монарез да поднесе оставка откако ја прашал дали е „доверлива личност“, на што таа одговорила со „не“.
Републиканскиот сенатор Бил Касиди го праша Кенеди за поништувањето на договори за вакцини против Ковид-19 во вредност од 500 милиони долари, нагласувајќи дека пациенти со рак на тој начин остануваат без заштита од потенцијално смртоносни инфекции.
– Би рекол дека на луѓето им ускратуваме вакцини – изјави Касиди, кој е лекар и имаше клучна улога во потврдувањето на Кенеди во администрацијата на Трамп.
Републиканскиот сенатор Џон Барасо, исто така лекар, изрази загриженост дека вакцините против други болести, како морбили и хепатит Б, би можеле да бидат доведени во прашање под водството на Кенеди, што би можело да го поништи напредокот во јавното здравство постигнат со децении.
– Длабоко сум загрижен. Ако сакаме повторно да ја направиме Америка здрава, не смееме да дозволиме поткопување на јавното здравство – рече Барасо.
Републиканскиот сенатор Том Тилис ја доведе во прашање искреноста на претходните ветувања на Кенеди дека ќе ги зајакне научниците и остро ги критикуваше неговите ставови за развојот на вакцината против ковид-19, како и отпуштањето на Монарез.
Тој ја опиша како „експерт за јавно здравје со беспрекорни научни квалификации, долгогодишен поддржувач на вредностите на движењето „Да ја направиме Америка повторно здрава“, грижлива и сочувствителна, како и брилијантен научник во областа на микробиологијата“.
Сенаторот додаде дека е зачудувачки што Монарез била отпуштена само четири недели по назначувањето.