Рускиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Рјабков информираше дека Русија го префрлила соборениот сириски претседател Башар ал Асад на „најбезбеден начин“. Во интервју за Ен-Би-Си, тој изјави дека „нема да елаборира што се случило и како е тоа решено“.
Кремљ во понеделникот објави дека претседателот Владимир Путин одлучил да му даде азил на Асад во Русија, откако сириските бунтовници во молскавична офанзива ја преземаа власта во државата.
„Тој е обезбеден и тоа покажува дека Русија се однесува како што треба во вонредна ситуација“, изјави Рјабков.
На прашањето дали Русија ќе го предаде Асад на судење, Рјабков рече дека Русија не е страна на конвенцијата со која е основан Меѓународниот кривичен суд.