Европската унија со санкциите замрзнала руски имот во вредност од повеќе од 17 милијарди евра, соопшти еврокомесарот за правда Дидие Рејндерс, цитиран од ДПА.
– До денеска во седум земји членки на ЕУ е замрзнат имот на 90 поединци во вредност од над 17 милијарди евра, од кои 2,2 милијарди се во Германија – изјави белгискиот политичар за медиумската групација „Функе“.
Од почетокот на војната во Украина во февруари, ЕУ усвои осум пакети санкции против Русија.
Украинските политичари постојано бараа овие замрзнати средства да се користат за обнова на нивната земја по завршувањето на војната.
– Доколку средствата замрзнати од ЕУ се од криминален бизнис, можно е да се претворат во компензациски фонд за Украина. Сепак, тие се далеку од она што е потребно за закрепнување – прокоментира Реиндерс.
Како дел од западните санкции, замрзнати се девизните резерви на руската централна банка во износ од 300 милијарди евра, потсети тој.
– Од моја гледна точка, постои можност да се задржат овие средства како гаранција додека Русија доброволно не учествува во обновата на Украина – смета еврокомесарот за правда.