Неименуван ирански функционер денеска изјави дека речиси 2.000 луѓе загинале во протестите во Иран.
Тој го изјави ова за „Ројтерс“ и додаде дека „терористите“ се виновни за смртта на цивилите и припадниците на безбедносните сили.
Иранските власти претходно ги обвинија САД и Израел за организирање масовни протести во земјата, кои траат од 28 декември минатата година.
Протестите, првично предизвикани од тешката економска состојба и девалвацијата на националната валута, набргу добија политичка димензија.
Според вестите на „Активистите за човекови права“ со седиште во САД, за време на двонеделните протести приведени се повеќе од 10.700 лица, а вкупно 646 лица загинаа, вклучувајќи 512 демонстранти и 134 припадници на безбедносните сили – пренесува „Ројтерс“.
Поради прекинот на интернетот, независна процена на обемот на протестите и бројот на жртви од странство е тешка, а иранските власти не објавија официјален број на жртви, наведува британската агенција.
































