Venezuela
Фото: ЕПА

Воената операција на САД која резултираше со апсење на венецуелскиот претседател Николас Мадуро е спротивна на принципите на меѓународното право, изјави денеска францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро.

– Воената операција која доведе до апсење на Николас Мадуро го крши принципот за неупотреба на сила, а тоа е темел на меѓународното право. Франција истакнува дека трајно политичко решение не може да се наметне однадвор и дека само суверените народи можат да одлучуваат за својата иднина – напиша Баро на „Икс“.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш денеска изрази загриженост поради тоа „што не се почитувало меѓународното право“ кога е во прашање американското апсење и одведување на венецуелскиот претседател Николас Мадуро – пренесе неговиот портпарол.

Гутереш смета дека американската операција претставува „опасен преседан“, поради што „ги повика сите актери во Венецуела да се ангажираат во инклузивен дијалог со целосно почитување на човековите права и владеењето на правото“.

И Данска истакна дека меѓународното право мора да се почитува по американските напади врз Венецуела. Данскиот министер за надворешни работи Ларс Локе Расмусен во денеска изјави дека, откако САД ја нападнаа Венецуела и го заробија нејзиниот претседател, меѓународното право мора да се почитува.

– Развојот на ситуацијата во Венецуела е драматичен и ние внимателно го следиме. Мораме да се вратиме на вистинскиот пат кон деескалација и дијалог – напиша Расмусен на „Икс“.

Јужноафриканската Република повика на итна седница на Советот за безбедност на Обединетите нации, се вели во објавата на Одделот за меѓународни односи на земјата.

– Јужноафриканската Република го повикува Советот за безбедност на ОН, телото задолжено за одржување на меѓународниот мир и безбедност, итно да се состане за да се ангажира околу оваа ситуација. Властите на нашата земја оваа акција ја сметаат за очигледно кршење на Повелбата на Обединетите нации, со која се налага сите држави членки да се воздржат од закани или употреба на сила кога се во прашање територијалниот интегритет или политичката независност на која било држава“ – се додава во соопштението.