Според најновата студија објавена во списанието „Природна геонаука“, климатските промени ќе ја прошират областа на делување на тропските циклони, изложувајќи милиони луѓе на разорната моќ на овие бури – пренесе „Би-Би-Си“

Во моментов, овие циклони или урагани се случуваат најмногу во тропските предели северно и јужно од екваторот, но анализите на научниците велат дека зголемените температури ќе овозможат овие временски катастрофи да се формираат и на географски широчини што се протегаат многу подалеку од тропските предели. Конкретно, од овој тип на циклони би можеле да бидат погодени градови како Њујорк, Пекинг, Бостон и Токио.

Научниците кои биле дел од истражувањето велат дека нивните резултати покажуваат дека до крајот на векот веројатно ќе се појават циклони на поширока област отколку што беше случај во последните три милиони години.
За научниците значаен настан беше суптропската бура Алфа, која стигна до Португалија во септември 2020 година, која предизвика релативно мала штета.
– Ова досега не сме го виделе. Тоа беше традиционална бура која се случува на овие простори, но се создадоа соодветни услови за појава на тропски циклон, а тоа се уште не се случило во Португалија – изјави д-р Џошуа Студхолм, физичар на Универзитетот Јеил.

Студхолм е водечки автор на студијата која предвидува дека потопла клима ќе овозможи формирање на повеќе разорни бури во географските широчини каде што живее мнозинството од светското население и каде што се одвива најголемиот дел од економската активност.

Тој објаснува дека како што светот станува потопол, температурната разлика помеѓу екваторот и поларните региони се намалува, што ќе влијае на протокот на воздух.
– Како што се загрева климата, овој тип на проток на воздух што се јавува на средна географска ширина ќе ослабне, а во поекстремни случаи дури и ќе се одвои, што ќе овозможи формирање на циклони надвор од тропските предели – вели Студхолм.

Прашањето за влијанието на климатските промени предизвикани од човекот врз појавата на урагани до неодамна предизвикуваше многу контроверзии, но неодамнешните истражувања покажуваат дека врската станува се појасна. Минатиот август, Меѓународниот панел за климатски промени (ИПЦЦ) го објави првиот дел од својот извештај, кој има шест проценки и се занимава со потоплите клими.
Во делот за ураганите и тропските циклони, авторите велат дека е безбедно да се каже дека човечкото влијание врз нив е значително зголемено.


– Скалата на интензивните тропски циклони, просечната брзина на ветерот на тропските циклони и максималната брзина на ветерот на најинтензивните тропски циклони ќе се зголемат на глобално ниво со растот на глобалното затоплување – велат од ИПЦЦ.

Новата студија објавена оваа недела користи поразновидни докази за да се потврди дека тропските циклони најверојатно ќе се појават на поширока област во иднина отколку што се мислеше.
Авторите на студијата предупредуваат дека ваквиот тек на настаните и ширењето на тропските циклони во други области не се неппоменливи и дека намалувањето на емисиите на јаглерод во следната деценија може да ја промени ситуацијата.
– Разлика во сценаријата е можна во зависност од емисијата на штетни гасови. Тоа може да биде многу важно кога е во прашање појавата на ураганите – пишува „Би-Би-Си“.